Три проекти од Национален интерес годинава доби велешки Народен музеј, сите се од Археолошкото одделение кое е со само едно стручно лице и може да конкурира со проекти (Видео)

Археолошкото одделение на локалната установа Народен музеј Велес годинава аплицираше четири а доби три проекти од национален интерес на јавниот повик за финансирање распишан од Министерството за култура и туризам. Тие чинат вкупно 423 илјади денари. Со само едно стручно вработено лице во ова Одделение, д-р Анита Василкова Мидоска, кустос советник, археолог, ќе се реализираат проектите Археолошко истражување на локалитетот Кале – Згрополци, Конзервација на предмети од керамика од античката збирка на ЛУ Народен музеј Велес (Теќе – село Отовица, Градиште/Циглана – Неготино, непознати локалитети) како втора фаза и „Memento vivere“ изложба на камени споменици од збирката на Народен музеј – Велес.

Д-р Анита Василкова Мидоска вели дека проектите се дел од Годишната програма за работа на Одделението за археологија кое остана само со еден вработен, поточно таа, која ги напиша, аплицираше и сега ќе ги реализира проектите.
Освен што ќе треба да ги реализира овие три проекти, д-р Василкова Мидовска, ќе има задача да ги спроведе и редовните активности на велешки Народен музеј.
По пензионирањето на историчарот на уметност велешки Народен музеј е кадровски скоро празна институција. Во изминатите две децении како по природен одлив, пензионирање, од институцијата заминуваа вработените така државата не овозможуваше финансиски средства за ново вработени. Иако според Систематизација на работни места оваа локална институција треба да има вкупно 17 вработени, стручни лица и техничка служба, сега во неа работат вкупно пет вработени заедно со директорот кој ја има менаџерската функција.
Убавка Јаневска
