Велешката поетска вечер прераснува во традиционален настан (фото)
Со учество на триесет и четири поети а меѓу нив и афористичари од градовите Кочани, Штип, Струмица, Скопје, Куманово, Демир Хисар и Прилеп како и со учество на десет поети од Велес, вчера попладне, во Ликовен салон во Велес, се одржа 13 велешка поетска вечер.
Културниот настан од година во година е посетен од се поголем број на поети во државата а годинава беше препознаен и од афористичари од Скопје, Струмица, Кочани и од Велес кои пред присутните читаа дел од своето најново творештво. Афоризмите ја направија поразлична културната вечер од претходно одржаните дванаесет.
-Особено сме задоволни што освен поетите успеавме да поттикнеме и афористичари да бидат наши гости а ни претставува и особена чест што меѓу поетите, велешката поетска вечер, ја препознаа и двајца млади вљубеници во поезијата и автори на стихови за кои им упатуваме честитки. Тоа не поттикнува веќе наредната, 14 по ред, поетска вечер, што ќе се одржи в година да ја организираме и на неа да настапат што поголем број на млади од нашиот град, рече Лила Арсова претседателка на Клуб на писатели „Коста Солев Рацин“ од Велес.
Велешката поетска вечер е финансиски поддржана од Општина Велес и реализирана од велешкиот клуб на писатели со цел за ширење на македонскиот јазик и култура приоритетно во рамки на општината како и пошироко во регионот.
Стефани Манева