Велешки Театар започна подготовка на две претстави, премиерите во месец март

Започнаа, во вчерашниот ден, читачките проби на актерите и режисерите за двете театарски претстави „Паника“ и „Вечера за глупаци“ коишто Театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ ги подготвува од сопствени средства. Претставите се од жанрот комедија.
Првата претстава „Паника“ е на текст на современиот фински автор Мика Милиахо во режија на Александар Ивановски. Во претставата настапуваат тројца млади дипломирани актери Стефан Николовски, Кристијан Саздовски и Филип Христовски. Сите се велешани, хонорарци и го очекуваат своето прво професионално вработување.
Втората претстава „Вечера на глупаци“ се подготвува на текст на францускиот автор Францис Вебер и во режија на Ненад Витанов. Во претставата настапуваат актерите Жарко Спасовски, Фаик Мефаилоски, Сандра Танчева, Јордан Витанов, Талија Настова, Благојчо Стојанов и Кире Ацевски.
Сценскиот дизајн за двете претстави го работи Филип Коруновски додека изборот на музиката е на двајцата режисери Ивановски и Витанов.
Според директорот Сашо Димоски премиерните прикажувања на двете претстави пред велешката публика ќе се одржат во месец март, годинава.
Убавка Јаневска
