Велешкиот театар најавува спектакл, започнаа пробите за претставата „Инферно“
Првата проба за новата претстава „Инферно“ на Народен театар „Јордан Хаџи Констатнинов-Џинот“ била оддржа вчера во просториите на велешкиот театар. Оваа претстава е работена според „Пеколот“ од Данте Алигиери и е во режија на Дејан Пројковски. Покрај него, авторскиот тим го сочинуваат Олга Панго како кореограф, Валентин Светозарев како сценограф, Раде Василев како костимограф, Горан Трајкоски како автор на музиката за претставата, асистентка на режисерот е Марија Петреска.
„Дејан Пројковски е еден од најзачајните режисери во регионот. Неговите режии во Нови Сад („Ана Каренина“, „Ричард Трети“), Бања Лука („Дервишот и Смртта“), Софија (Иван Вазовм „Браќа Карамазови“), Сплит (ХНК Сплит, „Орестија“), Истанбул („Ромео и Јулија“), Санк Петербург (Вера Комисаржевскаја, „Опасни врски“), Подгорица (ЦНП, „Бура“) се театарски маркери на именуваните театри и истите се закитени со најзначајните награди во регионот, додека претставата „Ана Каренина“ е најнаградуваната претстава во историјата на Новосадско позориште. „Пеколот“ од Данте Алигиери, еден од најфасцинантните текстови во историјата на светската книжевност, за потребите на претставата ќе биде преведен во моќни и густи слики кои комуницирајќи со контекстот ќе создадат претстава во која супериорниот актерски и технички потенцијал на големата сцена на Велешкиот театар ќе биде максимално искористен. Дантевиот изворник, чии метафори зборуваат за слоевите на распадот на европската цивлизација, во претставата ќе биде толкуван преку контекстуализација на густите места и нивна транскрипција во оригинални сценски слики, пишува во соопштението од велешкиот театар.
Во претставата „Инферно“ учество ќе земе речиси целиот ансамбл на велешкиот театар и тоа Васил Зафирчев, Исидор Јовановски, Кети Борисовска, Зорица П. Панчиќ, Маја Љутков, Славица Манаскова, Благојчо Стојанов, Жарко Спасовски, Фаик Мефаилоски, Симона Димковска, Марија Баркова, Кристијан Саздовски.
Со оваа претстава театарот „ЈХК – Џинот“ сака да се наметне како еден од најважните театарски центри во Југоисточна Европа, а за овој аргумент зборува и селекцијата на претставата на најзначајниот светски театарски настан кој ќе се случи во 2023 година.
Стефани Манева