Видео: „Денови“ од Рацин, доби нова димензија преку музичката адаптација на велешанецот Давид Тодоров
И после осум децении, песната „Денови“ на Коста Солев Рацин, ја прикажува реалноста за човечкиот живот. Стиховите „Денови ли се денови -аргатски маки големи!“, и денеска, после толку многу години, ја носат истата порака. Младиот велешанец, Давид Тодоров, којшто од својата 12 годишна возраст свири гитара, слушајќи рецитали посветени на Кочо Рацин, добил идеја силната порака којашто ја носи оваа песна, да им ја пренесе на младите преку еден прогресивен рок аранжман. Песната „Денови“, благодарение на Тодоров, доби нова мемориска димензија која долго ќе се потпевнува и вчеравечер беше промовирана пред велешката публика.
-За мојата идеја да стане реалност ни беше потребно подолго време. Прво сфативме дека песната е премногу тешка за пеење и ни требаше долго време да најдеме човек којшто на вистински начин ќе ја пренесе пораката. Песната ја пее Александрос Павлидис и слободно можам да кажам дека подобар избор не можевме да направиме. На гитара свирам јас, на клавијатура е Симеон Иванова, песната ја снимавме во студиото на Дино Зукиќ и видео записот е дело на Петар Тутунџиев. Јас сум презадоволен и очекувам песната да биде добро прифатена од секој слушател, додаде Тодоров.
Оваа извонредна идеја на Тодоров, беше целосно прифатена и од Александар Сашко Кукулев, којшто на вчерашната промоција истакна дека ова е сериозно музичко дело , кое својата основа ја бара во безвременоста на Рацин без да талка по трендовските беспаќа и недоречености.
– Имаме песна која се роди за да живее многу подолго одошто можеби ние во моментов предвидуваме, песна чија хармонска линија пинкфлојдовски инклинира кон севкупната сетилност, а веќе познатите стихови добиваат нова мемориска димензија која долго ќе се потпевнува. Давид и неговите другари од бендот, денес ни одржуваат лекција по упорна истрајност, чии плодови вечерва заеднички ги уживаме. Многу симболика во стиховите од песната се преточи во реалност, особено во маките и потешкотиите да се дојде до краен производ. Градот останува нем, помошта ретка или од никаде, а желбата да се успее поголема од планина, додаде Кукулев.
Ова е прва авторска песна на Тодоров и неговата крајна цел е модерна музичка адаптација на секоја песна од стихозбирката на велешкиот великан Кочо Рацин, албум со наслов „Бели Мугри“.
Стефани Манева