(видео) Велешанецот Благој Ламјов сними видео запис за песната „Bye for now“
Десеттата песна од албумот „ Nostalgic Love“ на велешанецот Благој Ламјов, насловена како „Bye for now“ или во превод „Збогум за сега“ после четири години од издавањето доби видео запис. Според Ламјов луѓето коишто го слушаат неговиот албум, музиката ја чувствуваат некаде длабоко во себе и не им е потребен спот за да конзумираат убава музика. Тој додава дека спотот само им смета при слушањето, па затоа и четири години немал снимено видео запис. Во разговорот за Дума.мк тој ја откри и причината за снимање на истиот.
– Не планирав да правам типичен спот затоа што тоа не е мој стил и не се совпаѓа со мојот албум. Затоа е вака минималистички. Не сакав да не дозволам да спотот го превземе просторот и да доминираа пред музиката туку сакав да делува само како еден мал украс во стилот на целиот албум. А што се крие… Па едноставно кажано, видеото е подарок за некого, како што е всушност и целиот мој албум “Nostalgic Love”, рече Ламјов.
Тој додава дека овој видео запис служи како еден украс врз музиката која продолжува да го зафаќа најголемиот простор и која сепак е најубаво да се слуша со затворени очи. Исто така, ни открива дека чуствува и доза на позитивна трема којашто според него доаѓа од искреноста.
-Се што произведувам е за себе и за моите најдраги инспирации од минатото и сегашноста. Моите дела се поклон до некоја особа и кријат приказни кои јас и таа ги знаеме. Затоа тремата доаѓа од тука. Затоа што не сум се отворил само кон неа туку кон целата јавност, а тоа е најнепријатниот момент. Не знаеш кој како ќе те разбере, додаде Ламјов.
Видео записот за песната „Bye for now“ е снимен во Шведска, додека идеајата за изгледот е на Ламјов. Дизајн на светлото е самата видео продукција, Marcus Lundgren Production.
Стефани Манева