Во Ликовен салон во Велес, во понеделник, ќе биде отворена изложбата „Вертикални форми на населување“

Архитектонската приказна за Велес ќе оживее во Ликовнен салон, во понеделник, на 27 октомври, преку изложбата „Вертикални форми на населување“. Поставката ја претставува приказната за градот преку неговите височини – од старите велешки куќи што се качуваат по ридовите, до станбените кули кои го обележаа модерното доба.
Изложбата ги обединува различните периоди и стилови на домување во Велес, прикажувајќи макети, фотографии и кратки презентации што ја доловуваат трансформацијата на градот во текот на XX век. Посетителите ќе можат да ја почувствуваат еволуцијата на урбаното живеење, од традиционалните дворови до бетонските височини кои станаа симбол на едно време и на еден нов идентитет.
Велешките кули, како „Жаба зграда“, „Зградата ХИВ“, кулата кај Мостот на Гемиџиите и високите згради на булеварот „Благој Ѓорев“, се прикажани не само како архитектонски објекти, туку како сведоци на градскиот развој и амбициите на една заедница.
Програмата ќе започне со воведно обраќање во 19:00 часот, а потоа следат три кратки презентации. Првата од Минас Бакалчев која ќе говори за „Дрвото, човекот и градот: Случајот со седумте јавори во Велес“, потоа Мартина Штериова која ќе се осврне на архитектонското наследство и истражувачката дејност и Марија Петрова која ќе ја отвори темата „Станбените кули во градот Велес: Наследство од застарената иднина“.
Авторскиот тим го сочинуваат Марија Петрова – Фафа, Сара Јованоска, Теодора Стеваноска, Ахмед Пошка, Горан Трајановски, Кирил Кочоски, Дејан Јанев и Ангела Петроска.
Проектот е дел од Годишната програма од национален интерес за 2025 година на Министерството за култура и туризам, со поддршка од Народен музеј – Велес и Државниот архив – Одделение Велес.
Стефани Манева


