Настан „Отворив очиња – видов ден“, Општа болница Велес му приреди радост на Велес со над 100 бебиња на едно место (фото и видео)

Објавено: 29 јуни, 2026, во 13:14 часот

Ги собраа скоро сите родени бебиња, во текот на годината, на плоштадката кај  фонтаната на локацијата „Авона“ со нивните мајки породени на Одделението за Гинекологија и акушерство во велешка Општа болница кои ги облекоа во маици со генерално мото „Отворив очиња – видов ден“. Ги донесоа на едно место и татковците на новороденчињата со цел да ги туркаат количките на родителската гордост во свечената поворка. И мотивираа придружба од над 100 братчиња и сестричиња на бебињата, баби и тетки, да ги носат балоните кои беа придружен декор на настанот „Отворив очиња – видов ден“ со кој здравствените работнички, лекари и лекарки, акушерки и сестри на Гинеколошко акушерското одделение на велешка Општа болница на Велес му покажаа едно но многу убаво и вредно нешто – неговото поколение, иднина, радост и љубов.

Токму овие чувства избликнуваа, вчера вечер, кај сите кои беа учесници, внатре во свечената поворка или надвород од неа како поддржувачи, случајни минувачи додека ја пресретнуваа кога минуваше на најубавиот, најзелен и најдолг тротоар покрај главната улица „Благој Ѓорев“ од местото „Авона“ до Младински парк.

Свечената поворка ја формираа и ја водеа најдобрите жени, професионални акушерки кои заедно со лекарите во родилна сала ги храбрат родилките најлесно да го донесат на свет својот пород и први во своите прегратки ги прифаќаат штотуку родените бебиња во велешка Општа болница. И токму нив, вчера вечер, надвор од  салата за раѓање или болничките соби, за прв пат ги видовме како умеат да бидат распеани, весели и низ песна да шират љубов и слават живот преку секое прво отворено бебешко окце, мрднато раче, ноже и главче, да го слушнат и смират првиот бебешки плач или да да ја добијат првата бебешка насмевка пред да го предадат новороденчето во топлата мајчинска прегратка.

Овие здравствени работнички поддржани и од своите колешки веќе пензионерки ја донесоа надежта на Велес во Младински парк.

А таму, сосема скромно, говореа за поддршката од менаџментот на Општа болница Велес, за условите кадровски и стручни како технички така и медицински опремени. И од каде ја соопштија најголемата желба токму во болницата и нивното одделение да се раѓаат сите новороденчиња на Велес.

Стигна и поддршката од одговорните лица во болницата главната сетра Наневска и особено од директорот Бузалков кои ветија настанот, кој што вчера приквечер, се одржа на верскиот празник „Видовден“ дека ќе прерасне во велешка традиција.

Настанот  „Отворив очиња – видов ден“ да прерасне во традиционален во Велес посакаа сите посетители велејќи дека е убав и во себе содржи силна порака.

“Отворив очиња – видов ден“, вчера вечер, топло добре дојде им приреди и на мајките со бебиња кои не се породиле во велешката болница како и на многу тетки, баби и дедовци како и на случајни минувачи кои одвоија време за да проследат настап на кловн, на детски мотиватори за игра и песна и уште неколку пропратни содржини на првиот ваков настан во Велес.

Настанот го поддржа Општина Велес и неколку општествено одговорни компании.

Убавка Јаневска    

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.