Започна проектот „Стрип креатива – Стрипот може“ за афирмација на македонската стрип култура

Во Велес започна еден мал, но значаен чекор кон враќање на стрипот во фокусот на македонската културна сцена. Станува збор за проектот „Стрип креатива – стрипот може“, индивидуална иницијатива на велешанецот Томе Трајков, стрип работник и долгогодишен промотер на оваа уметност. Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на РС Македонија, преку јавниот повик за проекти од областа на креативните индустрии, и ќе се реализира до крајот на октомври 2025 година.
-Проектот е подготвен врз основа на одамна увидена ситуација. Усвоен е само половина од предложениот буџет, но според она што се има, главна цел е афирмирање на досегашни искуства во валоризирање на стрип културата како можност за генерирање на приход, објаснува Трајков.
Тој додава дека преку проектот ќе се промовира стрип сцената во Македонија и ќе се истакнат можностите за нејзина примена во различни општествени сектори, вклучително и економијата.
Како дел од активностите, ќе биде изработен каталог во ПДФ формат во кој ќе бидат претставени избрани македонски автори, ќе се вклучи пригоден текст за стрип сцената и издаваштвото во земјава, ќе се презентираат муралите од Велес и искуствата со стрип мурали од странство, како и идејата за основање на стрип музеј во Велес, со споредба со слични иницијативи во други земји. Во рамки на проектот ќе се реализираат и три објави на стрипови од македонски автори, црно-бели и на цела страна, во печатеното издание на весникот „Нова Македонија“.
-Оваа идеја ја држам во себе уште одамна. Едноставно, стрип фелата дава предност на читањето преку хартија, наспроти онлајн. Се залагам, и не само јас, за враќање на праксата за вклучување на стрипови во печатените медиуми. Тоа се уште го има во соседните земји, потенцира Трајков.
Тој посочува дека една од најмалку искористените можности што ги нуди стрипот е неговата примена во индустријата. Иако печатените изданија на македонски јазик, според него, немаат доволна профитабилност поради јазични бариери, европскиот пазар за стрипови во 2010 година изнесувал околу 400 милиони евра, а во САД и Јапонија уште повеќе.
Поранешна Југославија, вели Трајков, некогаш била меѓу водечките пет земји во Европа според стрип издаваштво, додека денес, Франција и Јапонија имаат силни индустрии кои произведуваат по 5-6 илјади наслови годишно, а влијанието на француската култура преку стрипот е огромно.
-Како предуслов, сепак, треба најпрво да се афирмира македонскиот стрип кај нас, да се врати приближно на она ниво и популарност пред 90-тите години од минатиот век. Треба списанијата и весниците редовно да содржат по неколку странички на стрип. Исто така, стрипот треба да влезе и во образованието и други сфери, вели тој.
Трајков наведува дека во Хрватска стрипот се изучува факултативно, а на академијата во Софија се изучува два семестра во рамки на групата за дизајн и илустрација – нешто што сè уште недостасува кај нас.
-На македонската публика ѝ се продава стрип преку разни предмети и играчки стрип-јунаци од странство – разни Дигимони, Покемони, Гастони, Текс Вилери – наместо тоа да бидат автентични македонски стрип херои, укажува тој.
Што се однесува до очекуваните резултати, Трајков вели дека евалуацијата ќе го стори своето, но позитивните оценки се реални и очекувани.
-Лично очекувам оние активности коишто нема да се реализираат, истите да се вградат во идни проекти финансирани од други донатори. Видливоста на проектот ќе биде интензивна, а за резултатите ќе бидат запознати и ресорните министерства, завршува Трајков.
Стефани Манева


