Актуелните градоначалници на Чашка и на Демир Капија со нов мандат, нови добија општините Росоман и Лозово

Последните информации на Државната изботна комисија, коишто се официјални но не и конечни, од вчерашниот втор круг на Локални избори 2021, говорат за тоа дека досегашните градоначалници на општините Чашка и на Демир Капија, Горан Стојановски и Лазе Петров од СДСМ добија најголем број на гласови за втор, додека за прв мандат кандидатите за градоначалници на Росоман и на Лозово, Стојан Николов од СДСМ и Бошко Цветковски од ВМРО ДПМНЕ.
Највисок одзив на гласачко тело од над 80% ,во текот на вчерашниот изборен ден, на територијата на државата е постигнат во двете општини, Росоман и Демир Капија, во Вардарски плански регион.
Во првата општина, Росоман, во изборната трка беа вклучени кандидатот за градоначалник на СДСМ Стојан Николов за кого гласаа 53,65% од избирачите или 1.471 граѓани. За кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Тихомир Николов гласаа 44,31% или 1.215 граѓани. Со излезност од 82,2% на 10 избирачки места во оваа општина вчера гласаа 2.742 од вкупно 3.343 граѓани со право на глас.
Во втората општина, Демир Капија, за градоначалничката функција се тркаа кандидат на СДСМ, старо новиот градоначалник Лазо Петров и кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Андон Донев . Петров освои и 1.323 или 49,83% од гласовите додека за Донев гласаа 1.287 граѓани или 48,47% од гласачкото тело. Од вкупно 3.250 граѓани со право на глас на 11 избирачки места излегле и гласале 2.655 избирачи. Излезноста изнесува 81,69%.
Вториот изборен круг во Општина Лозово го трчаа кандидатот за градоначалник од ВМРО ДПМНЕ Бошко Цветковски и актуелниот градоначалник Ацо Велковски од СДСМ. Цветковски со освоени 783 гласа или 49,94% го доби градоначалничкиот мандат за наредните четири години додека вториот градоначалнички мандат го загуби Велковски за кого гласаа 744 граѓани или 47,45% од излезените 1.568 граѓани со право на глас. Во Единствениот избирачки список во Општина Лозово запишани се вкупно 1.984 избирачи кои гласаа на 9 избирачки места. Излезеноста во оваа општина вчера изнесуваше 79,03 отсто.
Убавка Јаневска
