Излезеноста на граѓаните, до 17 часот,во четирите општини на Вардарски регион од 52,14% до 69,92%

Портпаролката на Државната изборна комисија, Љупка Гугучевска ги соопшти резултатите на излезеноста на граѓаните во втор круг, во општините каде денеска се избираат градоначалници, на седмите Локални избори во државата.
До 17 часот излезноста во Општините Росоман, Лозово и Демир Капија изнесува над 60 %.
Според објавените податоци на сајтот на Државна изборна комисија на 31 избирачко место во Општина Чашка излезеноста изнесува 52,14% или од вкупно 6.171 граѓани со право на глас излегле и гласале 3.214 избирачи.
На деветте избирачки места во Општина Лозово излегле и гласале 68,01% или 1.348 граѓани од евидентираните вкупно 1.984 граѓани во Единствениот избирачки список.
Во Општина Росоман, каде се гласа на 10 избирачки места, излезноста изнесува 63,90% поточно гласале 2.135 од вкупно 3.343 граѓани со право на глас.
Излезноста во Општина Демир Капија изнесува 69,92%. Во овој четврти град од Вардарски регион во кој се одржува втор круг на Локални избори 2021, за избор на градоначалник, до 17 часот, излегле и гласале 2.269 од вкупно 3.250 граѓани со право на глас.
На државно ниво излезноста до 17 часот изнесува 42,37% или излегле и гласале вкупно 548.147 од вкупно 1.335.556 граѓани со право на глас.
Убавка Јаневска
