ВМРО-ДПМНЕ го претстави кандидатот за градоначалник на Неготино

Кандидатот за градоначалник на општина Неготино од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, д-р Горан Стојанов вечерва од предизборниот митинг се обврза пред своите сограѓани дека ако ја добие поддршката на 17 октомври ќе го врати сјајот на Неготино.
„Јас го сакам Неготино и се обврзувам да направам сè најдобро за него за да бидеме пример за идните генерации, за тоа колку сме придонеле за градот, а не колку сме го оштетиле додека сме управувале со него“ рече Стојанов.
Тој ги презентира десетте основни столба од предизборната програма. Најави изградба на голем парк кај спортската сала „Младост“, фитнес зона, велосипедско – пешачки патеки. Рече дека во програмата е планирана реконструкција на водоводната мрежа со цел да се реши долгогодишниот проблем со загубите на водата за пиење
„Обезбедување дополнителна количина на вода во водоводот со што ќе се обезбеди непречено 24-часовно водоснабдување во градот и во текот на летните месеци, како и следење на водоводната мрежа преку нови системи. Индустриска развојна зона во село Црвени Брегови е како трет столб во Програмата зашто Неготино е во центарот на Македонија и ги има сите атрибути потребни за успешно работење на секој инвеститор. Четвртиот столб се однесува на изработка на целосна техничка документација за секундарна и терцијарна гасификација на општина Неготино, како за домаќинствата, така и за индустриските капацитети. Петтиот столб или проект се засновува врз ангажирањето за целосна реконструкција на игралиштето зад спортскиот центар „Младост“, со нова подлога и трева на игралиштето.“ рече Стојанов и најави и покривање на градскиот пазар со кровна конструкција, осветлување и набавка на нови тезги.
Ангел Данов
