Апостолов: Нашата досегашна работа е гаранција дека ветеното ќе биде реализирано!
Кандидатот за градоначалник на Неготино од владејачката коалиција, Ванчо Апостолов истакна дека додека траел неговиот пратенички мандат може да се гордее што придонесувал во градење на конструктивна иднина на Македонија преку реализирањето на политиките на ВМРО ДПМНЕ.
Поранешниот пратеник од редовите на ВМРО ДПМНЕ и сегашен кандидат за градоначалник на Неготино денеска потсети на веќе реализирани проекти во изминатите години со кои општината ја подобрувала локалната патна инфраструктура, градела спортски терени и отворала детски игрални во руралните средини, водоводни мрежи, компјутеризирала училишта и изградила нова градска капела во Неготино.
За наредните четири години Апостолов понуди повеќе проекти меѓу кои развој и промоција на индустриската зона Црвени брегови – Неготино, гасификација на општина Неготино, подобрување на водоснабдувањето, изградба на паркинг простор во центарот на градот и два кружни тека.
– Ние ја бараме довербата на граѓаните за да работиме заедно за нашата и иднината на нашите поколенија. Ние ја бараме довербата со визија за успешна и просперитетна општина Неготино во која секој нејзин жител ќе ја пронајде шансата за успех. Неготино е општина која заслужува дела, а наша обврска е да им ја обезбедиме иднината на граѓаните. Пред нас претстои напорна работа, но уверувам дека таа работа на крајот ќе вроди резултат и Неготино ќе го изградиме во општина со која сите ќе се гордееме,“рече Апостолов./Б.Н.Т
