Алијанса за позитивна Македонија: Доколку се покаже грижа за приватниот сектор Македонија ќе стане економски стабилна земја
„Сами влеговме во стапица од која не можеме да излеземе, постојано се вртиме во тој магепсан круг од кој нема излез. Вие велешани тоа надобро го знаете, по вашите внуци, синови кои излегоа од државата по парче леб. До ова дереџе дојде Велес, а ако не се свестиме и Македонија ја чека истото. Ние од Алијансата за позитивна Македонија решивме да дадеме придонес во будењето на граѓаните и излез од катастрофалната состојба. Не е време за бајки туку време е за работа.“ Ова им го порача вечерва на велешани носителот на листата од втората изборна единица од Алијансата за позитивна Македонија, Владо Бучковски.
„Ние во оваа кампања ќе се обидеме да покажеме дека ако нешто се прави, се прави позитивно. Ние ќе бидеме најдоброто освежување на овие избори. Нам не ни требаат „големи митизи“ како што прават другите и ги полнат автобусите со граѓани под притисок. Едните имаат пари па мораат да донесат многу луѓе, другите наместо да ги чуваат за сериозни работи, мораат да им парираат на овие што се на власт и тоа е повторно вртење во тој магепсан круг, рече Бучковски.
Во 1993 година ја регистриравме нашата земја како држава во Њујорк, но одтогаш до сега во државата ништо не направивме. Дозволивме политичките елити да не манипулираат, глумиме најголеми патриоти а се уште тапкаме во место. Денеска по 23 години имаме само 30 % невработени, триста илјади иселени, ниски плати. Ние од Коалицијата за позитивна Македонија ќе го измениме тоа, им рече на велешани претседателот на Алијансата, Љупчо Зиков. Според него Македонија ќе стане економски стабилна земја доколку конечно некој се погрижи за приватниот сектор.
„Отвораме проект за над сто илјади работни места во приватниот сектор. Нас не не интересира јавната администрација, таа треба да биде само сервис на граѓаните и да го следи приватниот сектор. Ние ќе се занимаваме со приватниот сектор, државата мора да изврши итна интервенција и да им даде шанса на оние граѓани кои имаат идеја, смисла и посветеност за работа во Р.Македонија, да отвораат работни места во Македонија и да инвестираат во земјава, рече Зиков.
Пред велешани вечерва кусо се обратија и останатите кандидати за пратеници за престојните парламентарни избори. Им ветија излез од тешката состојба во земјава, ако им ја дадат поддршката./Д.С