Ковачевски: Најголемиот удар врз пазарот на електрична енергија дојде по војната во Украина
Најголемиот удар врз стабилноста на пазарот на електрична енергија дојде по војната која Русија ја започна во Украина, рече премиерот Димитар Ковачевски на панел дискусијата „Социјално-праведна енергетска трансформација на Европа” во рамки на вториот Социо-еколошки форум (СЕФ).
Според него, поради тоа дојде до недостаток на енергенси во Европа, особено на природен гас од кој зависи и цената на струјата и снабдувањето со електрична енергија.
Од еден пазар на електрична енергија којшто пазар долги години беше пазар на купувачи, кадешто купувачите практично кажуваа колку количини им треба и тие ја определуваа цената на електрична енергија сега се наоѓаме во пазар на продавачи бидејќи има недостаток на електрична енергија и тие ја определуваат цената нормално на берза и колку и каде количини ќе бидат испорачани“, рече Ковачевски, а соопшти владината прес-служба.
Во такви услови она што треба да се направи, според него, треба да се базира на три принципи а тоа е соработка, инвестиции и солидарност.
Тој потсети дека сите земји во регионот освен Босна и Херцеговина и Хрватска се увозно зависни од електрична енергија и тоа некаде од 17 отсто до 73 отсто на годишно ниво.
Сите произведуваат електрична енергија од стари капацитети коишто капацитети се на лигнит што значи дека тука за екологија не можеме да зборуваме и што единствен пристап до гас имаат до руски гас. Тоа се сите проблеми кои ги имаме на маса, рече Ковачевски.
Од друга страна, додава тој, мора да се обезбеди електрична енергија за функционирање на економијата за функционирање на граѓаните, таа да биде по цена којашто може да ја поднесат и граѓаните и економијата.
Според него, потребно е да има соработка помеѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан и во делот на инвестиции бидејќи постоечката енергетска инфраструктура повеќе не може да се користи.
И Русија со својата непромислена и неоправдана војна во Украина не може да продава веќе енергенси по таа инфраструктура, но мора да продава на исток каде нема инфраструктура. Сега тие ќе треба да градат инфраструктура кон исток, кон Кина, Пакистан .., вели Ковачевски додавајќи дека „и ние бидејќи ја немаме исток-запад инфраструктурата треба да градиме инфраструктура југ-север, север-југ и запад-исток“.
Тој додаде дека таа инфраструктура во рок од две години не може да се направи бидејќи се работи за инвестиции од милијарди евра. Но, може, рече тој, да се направи побрзо доколку се работи заедно.
На форумот учествуваа Мартин Шулц, претседател на Фондацијата „Фридрих Еберт“ и поранешен претседател на Европскиот парламент, премиерот на Косово Албин Курти, министерката за надворешни работи на Шведска, Ан Линде, и Христина Спасевска проректорка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Форумот се одржува во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“, Mеѓународниот центар „Олоф Палме“ и Прогрес – Институтот за социјална демократија.
Oвој напис е изработен во рамките проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар