Не е дојден крајот на ковид пандемијата во Србија

Објавено на 8 ноември, 2021 во 08:37

Пандемијата со ковид во Србија не е завршена, а такво нешто не се ни предвидува дека ќе се случи наскоро за целиот регион, особено поради зимскиот период кој ни претстои и во чиј пресрет веќе се регистрирани зголемени бројки на инфекции и хоспитализации. Само во последните 24 часа во Србија, според официјалните статистики на Министерството за здравство, регистрирани се 4.929 нови позитивни случаи. За само еден ден од коронавирусот во земјата, починале 65 лица. Хоспитализирани се 6.764 лица, а 281 пациент е на респиратор

Рецензираме пост на Фејсбук во кој се тврди дека Министерството за здравство на Србија, признало дека нема никакви докази за коронавирусот, ПЦР тестот и ефикасноста на маските.

Постот, всушност, е поткрепен со текст објавен на порталот „Коловрт“, кој ја негира пандемијата, ефикасноста на маските, промовира ставови кои одат против медицинските препораки и едноставно го негира постоењето на пандемијата со коронавирусот.

Кога ќе се погледне текстот, евидентно е дека некое здружение на граѓани во Србија, преку Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер до Министерството за здравство во Србија, доставило барање за докази за научни студии кои се однесуваат на релевантноста на ПЦР тестот, научни докази од изолација од вирусот Сарс Ков 2 и научни студии кои докажуваат дека мерките за заштита против корона вирусот како маските, дистанцата и слично се успешни во спречување на ширењето на вирусот. Одговорот од Министерството за здравство на Србија до здружението бил дека не поседуваат такви информации.

Од овој одговор на барањето за пристап до информации од јавен карактер, во постот се заклучува дека истиот претставува ,,признание” на владата на Србија дека е дојден крај на короната во Србија.

Се разбира дека ситуацијата е далеку од оваа фабрикација. Само во последните 24 часа во Србија според официјалните статистики на Министерството за здравство, регистрирани се 4.929 нови позитивни случаи. За само еден ден од коронавирусот во земјата, починале 65 лица. Хоспитализирани се 6.764 лица, а 281 пациент е на респиратор.

Така што, одговорот на провокативното барање за слободен пристап до информации од јавен карактер, сепак не претставува доказ дека е дојден крајот на ковид-19 во Србија, како што се тврди во постот што го рецензираме.

Министерството за здравство на Србија на својата веб-страница има и дел во кој се апелира да не се шират лажни и непроверени информации на социјалните мрежи.

ЕФИКАСНОСТА НА ПЦР ТЕСТОТ

Во врска со релевантноста на  ПЦР тестот, Светската здравствена организација и понатаму го препорачува овој тест како златен стандард за детекција на Сарс Ков 2.

Фармацевтскиот гигант „Роше„  објаснува дека ПЦР тестот е златен стандард зашто се однесува на највисокиот квалитет, може да идентификува и да детектира цел со само единечна копија присутна во примерокот. Идеалната дијагностика е специфична и сензитивна, што значи дека вирусот и во исклучително мали количини, ќе покаже позитивен резултат на тестот. Тој исто така детектира повеќе гени на коронавирусот одеднаш, што дава уште поголема сигурност за точноста на резултатот.

ПЦР технологијата, исто така, е брза и може да даде резултати за неколку часови. Другите методи за тестирање, како серолошкиот на пример, може да не го овозможат истото ниво на сензитивност како ПЦР, посочуваат од фармацевтската компанија

МАСКИТЕ ШТИТАТ

Што се однесува на тоа дали коронавирусот е изолиран, познати се следните факти.

Вирусот беше идентификуван од кинеските власти на 7 јануари 2020 година, по што неговиот генетски материјал РНК, беше изолиран. Самата Светска здравствена организација потврдува  дека вирусот е изолиран на 7 јануари 2020 година и во следното известување.

Ова изолирање содржи инструкции за создавање на вирусните протеини, кои се основа за вакцините на „Фајзер“ и  на „Модерна“. Во однос на тоа како маските и дистанцата се успешни во спречување на ширењето на вирусот, реномирани медицински институции, болнци, клиники ширум светот тоа го потврдуваат.

Мајо Клиниката во САД е една од нив.

Маските во комбинација со други превентивни мерки, како вакцинација, често миење на рацете и физичко растојание, може да помогнат да се намали ширењето на вирусот. Американскиот Центар за контрола и превенција на болести препорачува платнени маски за јавноста. Луѓето кои не се целосно вакцинирани треба да продолжат да носат маски на затворено и на отворено каде што има висок ризик од трансмисија на ковид 19, како на настани со многу луѓе или големи собири. Центарот за контрола и превенција на болести вели дека Н95 маските треба да ги користат здравствените работници. СЗО препорачува медицински маски за здравствени работници како и за секој што има ковид или се грижи за болен од ковид дома, пишува на веб-страницата на МАЈО клиниката.

Тука може да прочитате за најголемата рандомизирана контролирана студија која тестирала колку е ефективно носењето маски. Резултатите покажуваат дека носењето маски превенира инфекција од ковид 19. Луѓето носат маски за да се заштитат од заразни болести уште од чумата во 1910 година.

Во април 2020 година, научниците покажаа дека луѓето заразени со коронавирусот издишуваат помалку РНК од коронавирусот во воздухот околу нив ако носат маска.

Дополнителни лабораториски испитувања, исто така, покажаа дека маските се ефикасни.

И не само лабораториски, туку и опсервациски, се покажува дека од маските има огромно фајде. Многу епидемиолози го истражуваа импактот на маските и политиките на воведување носење маска за да видат дали тоа помага да се намали трансмисијата на ковид. Една опсервациска студија од 2020 година, со фокус на демографијата, тестирањето, локдауните и носењето маски во 196 земји, покажа дека земјите со мерки кои поддржуваат носење маска имаат зголемување на смртните случаи за 16 проценти, а тие каде што нема носење маски, за дури 62 проценти!

На следниот линк може да пронајдете и студија од 22 септември 2021 година, која што вклучила 341.126 возрасни лица во 600 села во Бангладеш. Во 300 села, научниците не промовирале носење маски. Во 200 села промовирале носење хируршки маски и во 100 села носење платнени маски.

Во текот на 8 недели, нашиот тим дистрибуираше бесплатни маски за секој возрасен во нивните домови, обезбеди информации за ризиците од ковид-19 и важноста на носењето маски. Исто така работевме со религиозни лидери за да промовираме носење маски и најмивме луѓе кои културно ќе ги замолуваат луѓето во селата кои не носат маска, да носат. После 5 недели и после 9 недели откако го почнавме нашето истражување, собравме податоци за симптоми на ковид-19 кои се развиле кај селаните во овој период. Ако некој пријавеше симптоми, му правевме серолошки тест да потврдиме инфекција. Првото прашање што го поставивме јас и колегите, беше дали нашата промоција на маските доведе до тоа повеќе луѓе да ги носат. Носењето маски се зголеми 3 пати. Се зголеми за 13 проценти во групата на која не ѝ дадовме маски, до 42 проценти во групата каде делевме бесплатни маски. Интересно е и дека физичкото растојание се зголеми за 5 проценти во селата каде што промовиравме носење маски. Во 300 села каде дистрибуиравме маски, видовме дека ковидинфекциите се намалија за 9 проценти, споредено со селата каде не промовиравме носење маски. Имавме доволно голем примерок испитаници, за да заклучиме дека во селата каде дистрибуиравме хируршки маски, ковид се намали за 12 проценти. Во тие села, ковидинфекциите опаднаа за 35 проценти кај луѓето постари од 60 години и за 23 проценти кај луѓето на возраст меѓу 50 и 60 години. Заклучивме и дека и платнените и хируршките маски резултираа со 12 процентно намалување на инфекциите, пишува научникот Лаура Квон.

Ова се само дел од студиите, и научни и опсервациски, кои докажуваат дека маските навистина имаат голем ефект во редукцијата на ширењето на коронавирусот, исто како и растојанието. Причина за ова, меѓу другото, е и тоа што коронавирусот се пренесува преку капките од носот и устата кои се испуштаат при кивање и кашлање, пеење и зборување.

Поради сите горенаведени факти, го оценуваме постот што го рецензираме како невистинит. Пандемијата со ковид во Србија не е завршена, а такво нешто не се ни предвидува дека ќе се случи наскоро за целиот регион, особено поради зимскиот период кој ни претстои и во чиј пресрет веќе се регистрирани зголемени бројки на инфекции и хоспитализации. Тоа што Министерството за здравство на Србија не одговорило позитивно на барањето за слободен пристап до информации од јавен карактер на дотичната невладина организација, не демонстрира дека пандемијата во Србија не постои, или дека е завршена.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.