Акцијашка акција на ветераните на велешко езеро „Младост“ (ФОТО)

Со српови, мотики и секири, акцијашите ветерани од Велес, ги исчистија израснатите жбунови трња и ниско стеблести растенија околу линиите од системот „капка по капка“ за наводнување на израснатите дрвја, отстранија дефект на главниот вентил и ја исчистија шахтата за вода, надоврзаа нови црева за вода до најоддалечените израснати дрвца на парцелите покрај патот. Акцијата на дел од членовите на РБ „Кочо Рацин“ на Здружението „Акцијаш ветерани“ беше еднодневна.


-Денеска работевме на парцелите долж асвалтниот пат. Го отстранивме прекинот на дотур на вода на главното цево за наводнување и додадовме нов дел на системот „капка по капка“. Сменивме вентил и ја исчистивме главната шахта за вода. Ја искосивме тревата, трњата и ги исековме израснатите повисоки ниско стеблести растенија околу неа како и долж главната линија. Работевме 10 акцијаши ветерани на Работната бригада „Кочо Рацин“, рече командантот Делчо Костов.


Во останатото време акцијашите ветерани ги проверија сите линии од системот „капка по капка“ на првата парцела со ново насадени израснати дрвја од видот „ јапонски цреши“. Исто така направија и обиколка на ново засадените дрвја на останатите парцели.


Веќе наредниот викенд испланирана е уште една акција за косење на трвата и чистење со уредување на околината околу заседените нови дрвца на „Езеро Младост“.
Убавка Јаневска
