Ансамбл „Керамичар“ заминa на Меѓународен фолклорен фестивал во Младеновац, Србија

Дваесет и осум играорци од Ансамблот за народни игри и песни „Керамичар“ од Велес заминaa во Република Србија за да учествуваат на Детски меѓународен фолклорен фестивал во Младеновац.
Младите играорци ќе настапат со четири кореографии: „Овчеполка“, „Поречки“, „Прилепки“ и „Тропнало“, преку кои ќе ја претстават македонската фолклорна традиција како и градот Велес.
-Целта на оваа турнеја е да се промовира македонскиот фолклор пред меѓународна публика, како и да се оствари културна размена меѓу младите генерации од различни земји. Ова е трета година по ред како „Керамичар“ настапува на овој фестивал и со задоволство и огромна среќа заминуваме повторно, рече претседателот Томе Јаневски.
Учеството на интернационалниот фестивал претставува уште еден чекор напред во активностите на ансамблот којшто со децении е посветен на негување на традицијата и воспитување на млади генерации преку народната уметност.
Стефани Манева
