И за берба на боровинки треба дозвола

Објавено на 6 август, 2013 во 13:22

Шумската полиција од граѓани деновиве одзеде 400 килограми боровинки набрани на планината над болницата Јасеново. Тие без дозвола ги береле шумските плодови во близина на селото Владиловци, кај Чашка. На овој начин почна примената на Законот за собирање на шумски  плодови во регионот.

Шумската полиција ги контролирала падините на  планините Јакупица, Кадиица и Мукос. Од стотина граѓани, затекнати како берат боровинки, било побарано да покажат дозволи за берба. Тие кои ги имале си заминале дома со набраната количина додека од граѓаните кои немале уредни документи била одземена набраната количина на боровинки.

Поголем број на граѓани не ни знаеле дека им била потребна дозвола за берба. Таков бил случајот со берачи од село Горно Јаболчиште, кои повеќе денови береле боровинки во планината над селото. Нив им било укажано а тие ветиле дека ќе платат 400 денари и дека ќе извадат дозвола за берба.

Од  подрачната единица на „Македонски шуми“ во Велес, рекоа дека досега издале 60 дозволи за берба на  боровинки. Таму деновиве очекуваат бројката на баратели на дозволи да се зголеми за пет пати, бидејќи големи се површините под ова шумско растение на планините Јакупица и  Кадиица.

За откуп на боровинките досега дозволи добиле две компании кои откупни пунктови ќе  отворат во селата Богомила, Чашка, Лисиче и Долно Јаболчиште. Тие годинава очекуваат да откупат повеќе од 300 тони квалитетни боровинки./Б.Н

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.