Стотина чемпреси засадени над Папрадиште
На шумска парцела над селото под Солунска глава, во општина Чашка денеска започна есенската акција „Ден на дрвото“.Првите садници ги засадија министерот за одбрана Зоран Јолевски, преставници на АРМ, на воените аташеа во Македонија, на општината, ученици, граѓани и здруженија од Велес и Чашка. Годинешната акција се одржува под мотото „Стоп за катастрофите“.
Таа се одржува по 14 пат и годинава започна во општина со најголем шумски фонд во државата. Дополнително ќе биде соопштен денот кога таа ќе се реализира на територијата на целата држава, на над илјада хектари површина и кога ќе треба да се засадат 4,5 милиони нови садници. Денеска министерот Јолевски и организаторот на акцијата упати апел до сите граѓани да се вклучат во акцијата, да излезат и да засадат дрвца со што ќе дадат личен придонес во спречувањето на катастрофите кои ја уништуваат природата.
Пред пошумувањето сите учесници се собраа пред црквата „Свети Петар и Павле“ во Папрадиште. Преставниците на воените аташеа беа запознати со историското и културно значење на селото. Потоа заминаа на локацијата на која ги засадија стотината садници со чемпрес и костен.
По завршување на пошумувањето гостите се уверија и во природната убавина на овој дел од општина Чашка. По акцијата сите учесници беа поканети на војничко гравче./Д.С
