Безбедно планинарење и рекреативно пешачење на Јакупица и Даутица

Објавено на 25 ноември, 2014 во 10:14

На вистинската патека сте и безбедно можете да планинарите низ шумите во општина Чашка ако ги следите овие знаци, црвен круг во чија средина се наоѓа бела точка или две црвено бели ленти. Исцртани се на камења, карпи и стебла за да го покажат вистинскиот правец на движење од Голозинци преку Лисиче до Горно Врановци, околу селото Мокрени, од Папрадиште до планинарскиот дом Чеплес , од Чеплес до Солунска глава, од Нежилово до Папрадиште и кон селото Горно Јаболчиште.

Десетте одбележани планинарски патеки обезбедуваат сигурен правец на пешачење за луѓе кои прв или повеќе пати дошле во шумските предели на Јакупица или Даутица. Во исто време, преку нив, се популаризира руралниот туризам во општината која важи за една од најбогатите со шуми и вода во државата.

 

“Станува збор за проект на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во Македонија. Маркацијата ја направија три граѓански здруженија, еколошката групација  „Грин Пауер“, извидничкиот одред „Димитар Влахов“ и планинарското друштво „Солинска глава“. Ние се пријавивме и го добивме статусот економски оператори со кој во наредните пет години исто така ќе треба да ги уредуваме и одрживаме веќе маркираните патеки во општина Чашка. Сега ги очекуваме уште воздушните столбови поточно патоказите кои ќе ги поставиме на прецизирани и лесно воочливи места со што ќе обезбедиме максимална безбедност за секој домашен или гостин од странство,“ рече старешината на велешкиот извиднички одред Анѓелче Гушев.

Овие десет се дел од вкупно 185 маркирани планинарски патеки во Македонија. Сите се впишани со GPS уреди и сега Агенцијата за промоција и поддршка на туризам ќе треба да подготви електронска база на податоци.

“Нив ќе ги користат сите граѓани рекреативци и планинари, особено странците, со тоа што сите рути за кратко време ќе можат да си ги симнат на мобилен телефон од сајтот Macedonia  timeless за безбедно да се движат низ Македонија. Проектот го финансираше Владата со цел за првпат да се постигне културно, унифицирано маркирање на шумски или планинарски патеки. За да го реализираме овој проект посетивме обука на која наши обучувачи беа планинари од Планинарскиот сојуз на Словенија. Добивме сертификати за маркиранти и ја започнавме постапката на маркирање. Потоа прописно  ги одбележавме сите патеки во општината,“ рече Игор Смилев од ЕГ “Грин Пауер“.

Но, активностите не запираат тука затоа што  трите граѓански здруженија од Велес,  со статус на економски оператори на десетте патеки, сега ги очекуваат инструкциите за трасирање и на патеките за велосипедски туризам во општина Чашка. /Д.С

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.