Кривична пријава за злоупотреба на службена должност за градоначалникот на Чашка

Објавено на 25 ноември, 2014 во 14:20

Градоначалникот на општина Чашка Горанчо Пановски заработи кривична пријава за „злоупотреба на службена положба и овластување. Тој се товари дека бесправно го легализирал планинарскиот дом „Чеплес“ при што на планинарското друштво Солунска глава му нанел штета од близу 66 илјади евра.

Според СВР Велес злоупотребата е направена во 2011-тата година. Градоначалникот ја искористил службената положба и самиот си поднел барање за легализација на дивоизградениот објект, иако според законот барање за легализација може да поднесе само имателот на објектот.

„Истиот решавал по барањето постапувајќи спротивно член 6 од „Законот за постапување со бесправно изградените објекти“ каде во содржината на барањето за утврдување правен статус во став 2 е предвидено барателот да достави доказ за приклучок на комунална инфраструктура или сметки за јавни услуги кои тој никогаш ги нема платено затоа што не бил ни имател ни корисник на објектот. Со изјава заверена на нотар дека објектот е изграден пред стапување на законот во сила во 2011 година, Г.П. го легализирал објектот , го впишал во катастар на Р.Македонија по што го отуѓил,“ рече Анита Стојковска, портпарол на СВР Велес.

Градоначалникот на Чашка се оградува од секаква кривична одговорност. Смета дека планинарскиот дом е легализиран според Законот за легализација и за територијална организација. Пановски откри дека во постапката добивале инструкции од министерството за транспорт и врски и ја спровеле исто како и во други општини во државата каде имало вакви објекти, без сопственик и за нив никој не поднел документи за легализација.Тој рече дека кривичната пријава е личен атак врз него.

„Општина Чашка реално многу и смета на општина Велес и континуирано ни прават проблеми. Реков ни беше доделен хотелот Врановци ни го оспорија и мораше на крај да интервенира Уставен суд. Значи овде се работи за еден атак на измешани локални и моќници од Скопје кои едни со други се договараат и доколку некој градоначалник им смета мислат дека во иднина и не треба да се кандидира. Но за тоа не одлучуваат тие туку граѓаните, рече градоначалникот Пановски.

Шеесетина години со домот на Солинска глава стопанисуваше истоименото планинарско друштво. Од како не поднеле документи за легализација постапката ја спроведе општината а потоа пред речиси година и пол објектот го продаде на приватна фирма. /Д.С

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.