Од денеска се откупува тутунот
Откупните компании Алијанса, Соцомак и други се подготвени за откуп на годинашниот род. Тутунопроизводителите се задоволни од квантитетот но не и од квалитетот на родот. Честите врнежи од дожд го намалија квалитетот па производителите велат дека не знаат по која цена ќе им биде откупен родот.Ќе бидат задоволни ако килограм тутун им го откупат по 110 денари.
„Од квалитетот не сум задоволен . Ако ни го откупат по 110 денари килограм ќе бидам презадоволен. Лоша година беше. Што е тука е. Вложивме голем труд но не можеме против временските прилики“, рече Исен Јакупи од Сливник.
Денеска треба да почне откупот на тутунот и во другите пунктови во општините Велес, Чашка, Градско и Лозово. Се очекува , како и минатата година откупни пунктови да има во Градско, Велес, Бузалково, Лозово каде што производителите, кои имаат склучено договори, ќе можат да го предадат тутунот.
„Годинава имам повеќе од три тони. Верував дека ќе заработам добри пари арно ама квалитетот потфрли. Што да речам кога е така. Колку ќе ни го оценат не знам. Но, што е тука тука е“, рече Ристо Трајковски од Голозинци.
Под тутун годинава во општините Велес, Градско и Чашка, над 2.000 тутунопроизводители посаднија 970 хектари од кои се очекува компаниите да откупат над 1.550 тони тутун./С.А
