Заврши сеидбата на оризот во велешко
Досега се посеани над 90 хектари што се за 30 хектари повеќе од минатата година. Покрај површините во Лисиче и Голозинци годинава оризот се прошири и во реонот на селата Еловец и Чашка.
„Високите приноси и постојаното присуство на вода во почвата од браната на хидросистемот Лисиче и добрата откупна цена на оризовата арпа придонесоа површините под оваа култура значително да се зголемат. Доколку продолжи ваквиот тренд оризот ќе се сее и на уште поголеми површини“, рече оризопроизводителот Благој Петров од село Лисиче.
По течението на реките Тополка и Бабуна во минатото под ориз се сееја и по 150 до 200 хектари. Со намалувањето на цената и недостигот на вода која е неопходна за развој на оризот површините од година во година беа се помали. Жителите од селата Еловец, Голозинци, Чашка, Лисиче и други веруваат дека со сегашната откупна цена од 35 до 40 денари за килограм оризова арпа ќе се зголемат површините под ориз.
Инаку од годинашнава жетва се очекува да се соберат над 600 тони оризова арпа која во споредба со лани е повеќе за околу 200 тони./С.А
