Од систем „Капка по капка“ до зголемување на приносите на пченка и сончоглед во Чашка
Со финансиска помош на американската и швајцарската влада денеска беше пуштен во употреба системот за наводнување капка по капка на 30 хектари површина со пченка во сопственост на земјоделецот Игор Јанкуловски од село Голозинци. Системот капка по капка значи зголемување на приносите за 30 до 40 отсто или двојно повеќе од лани. Ова е дел од иницијативата „Да одгледуваме повеќе пченка“ и преку неа годинава ќе се донираат 160 системи за наводнување капка по капка за одгледување пченка и сончоглед.
„Проектот започна во 2012 година а во 2103 започна иницијативата. Претходно проектот беше имплементиран само во Полошкиот и Пелагонискиот регион каде во 2013 имавме 40 земјоделци опфатени од овие два региони. Земјоделците добија систем капка по капка и успеавме да добиеме многу големи резултати . Во 2014 почнавме со работа во Вардарскиот и Североисточниот регион . Во Вардарскиот регион лани имавме опфатено 15 хектари. Годинава од 160 хектари со системи за наводнување 45 хектари ќе бидат обезбедени за Вардарскиот регион и тоа 15 за сончоглед и 30 хектари за пченка, рече специјалистот за регионално планирање и развој Димче Дамјановски.
На денешната демонстрација на системот капка по капка присуствуваа и американскиот амбасадор Џес Бејли и заменик шефицата на мисијата на Швајцарија Катарина Штокер.
„Ова е доказот дека системот капка по капка е корисен не само за производство на пченка туку има влијание и во секторот за производство на месо од каде што се добива храната за таа стока и така уште еднаш се придонесува во развојот на економијата. Овие земјоделци не само што ќе ги убедат другите земјоделци да го набават системот туку и ќе ги убедат банките за да го финансираат набавувањето на овие системи за што повеќе луѓе да имаат пристап до нив“, рече амбасадорот Бејли.
„Веруваме дека ова ќе ги убеди и другите земјоделци да се пријават за субвенциите 50-50 од програмата на министерството за земјоделство. И многу сум среќна што и Швајцарија приодонесе за развој и употреба на системот какпка по капка во Македонија“, рече Штокер.
Досегашниот начин на наводнување со распрскување на насадите не даваше соодветни резултати. Но откако дел од земјоделците во Пелагонискиот и Полошкиот регион каде најпрво се поставија овие системи ги дуплираа своите приноси, интересот за капка по капка се зголеми и кај останатите производители на пченка и сончоглед.
„Оваа година имаме околу 40 есетина апликанти. Основна придобивка е тоа што од три до четири пати се зголемува производството на пченка за разлика од тоа ако не се користат никакви системи за наводнување. Со добри услови и добра почва користејќи го овој систем може да се добијат и по 20 тона пченка од хектар. А просекот е 4 до 4,5 тона во Македонија“, рече министерот за земјоделство Михаил Цветков.
Освен во Полошкиот и Пелагопнискиот регион, ситемите за наводнување капка по капка, од лани, се поставуваат и на земјоделските површини во Вардарскиот и Североисточниот регион. Со овој проект се планира капка по капка да се постави на вкупно седум илјади хектари со што ќе се задоволат сите потреби за сточна храна. Инаку земјоделската инвестиција чини 6,7 милиони долари од кои 5 милиони од американската и 1,7 милиони долари од швајцарската влада./Д.С
