Дождот ја прекина жетвата на ориз во Чашка
Оризопроизводителите од селата Лисиче, Еловец, Голозинци и населба Чашка ќе чекаат да престанат врнежите за веднаш да продолжат со прибирањето на родот. Жетвата на оваа земјоделска култура први ја започнаа производителите од Еловец и Голозинци. Приносите се над очекувањата.
„Годинава под ориз имам посеано еден хектар. Половина веќе ожнав. Приносите никогаш досега не биле подобри. Од декар ожнеав по 900 килограми,што е рекорд. Ниту една друга култура не дава такви приноси. Доколку цената на оризовата апра биде како минатата година ќе заработам добри пари“, вели Трајко Костов оризопроизводител од Еловец.
Во прибирањето на годинашниот род на оризот се ангажирани десетина комбајни . Производителите велат дека доколку не заврнеше жетвата на оризот ќе завршеше до крајот на овој месец. Изградбата на браната на ХС „Лисиче“ овозможи коритото на река Тополка цело лето да биде полно и производителите немаа никакви проблеми со наводнување. Оризот постојано треба да имаат доволно вода.
„Оваа земјоделска културса повторно се враќа на полињата во општина Чашка благодарение на доволните количества на вода од браната на Хидросистемот. Верувам дека идната година под ориз ќе бидат посеани над 120 хектари. Јас минатата година имав 8 декари, а годинава ги зголемив на еден хектар. Некогаш под оваа култура по течението на реките Бабуна и Тополка под ориз имаше повеќе од 250 хектари“, вели Каме Трајков од Лисиче.
Во овој дел на општината под ориз годинава се посеани над 70 хектари и земјоделците очекуваат принос повеќе од 500 тони квалитетна оризова арпа.
Производителите истакнаа дека годинава исто како и лани нема да имаат проблеми со пласманот на оризот. Компаниите откупувачи веќе се на терен и нудат засега цена од 25 до 30 денари за килограм. Тоа за нив е прифатлива цена. Поголем дел од нив родот ќе го продадат како арпа додека помал дел ќе заврши во млиновите каде што ќе биде избелен и самоиницијативно ќе го продаваат како бел ориз кој во моментов се продава по цена од 60 до 70 денари за килограм.
Дождот ја прекина жетвата на оризот но добредојден е за престојната есенска сеидба во која се очекува да бидат посеани повеќе од 6.000 хектари под јачмен и пченица. Од нив 3.500 хектари ќе бидат под лебно жито. С.А.
