Традиционален саем на здрава храна во Богомила, село во најеколошката општина Чашка
Семејството Миовски од селото Мартолци се традиционални производители на грав и пиперки во најеколошката општина во Македонија. Тие годинава произведоа 200 килограми грав, 4 тони пиперки од сортата ајварка и уште 2 тони од останати видови пипер. По една вреќа од производите на Миовски денеска на Саемот на здрава храна во Богомила продавашеАнѓа. Купувачи на нејзините производи беа граѓани од Велес и од Скопје. Тие што знаат за предностите на овој саем на еколошки произведени и здрави земјоделски производи секоја година се дел од манифестацијата.
„Задоволна сум, се купуваат нашите производи иако годинава поради дождливото време задоцнивме со орањето, подоцна садевеме и еве дури сега имаме берба на пипер. Гравот го собравме и за жал имаме преполовена количина. Купувачите ни се редовни но не ќе можеме да одговориме на нивната побарувачка,“ рече Миовска.
На мини тезгите на Саемот , што годинава се одржа во зградата на основното училиште „Петре Поп Арсов“ се продаваа костени, аронија, сушени шумски плодови, биено и овчо сирење, јајца, јаболка , дуњи, компири, грав, пиперки како и ајвар и слатко. Тоа се производи кои земјоделците ги произведуваат без да употребат заштита со хемиски препарати и арски ѓубриња.
Гостите на Саемот беа и средношколците од пекарските смерови на двете училишта во Велес, хемиското „Димитрија Чуповски“ и стручното „Коле Неделковски“. Граѓаните од нивните штандови купуваа бели пецива, погачи и ѓозлеме.
Меѓу купувачите на здрава храна беше и градоначалникот на општина Чашка, Горан Панов. Тој купи свежа и слатко од аронија, грав и компири.
„Сега користам еколошки произведен зеленчук и овошје во исхраната. Претходно бидејќи не се хранев здраво незнаев да направам разлика. Сега тоа го можам бидејќи исклучиво пазарам од производите на земјоделците кои живеат во оваа општина. Задоволен сум кога слушам како земјоделците ми кажуваат дека нивните производи се најбарани на пазарите во Велес и во Прилеп и постигнуваат добра цена. Тоа што сега треба да го сториме е да помогнеме на земјоделците да ги зголемат количините на производи со помош на невладини организации и експерти кои ќе помогнат во делот на маркетиншкото промовирање на нивното земјоделско производство,“ рече Панов.
Саемот на здрава храна е само една активност на манифестацијата „Поблиску до природата“ што секоја година, општина Чашка, ја организира во различно село. Неа ја поддржуваат и жените домаќинки кои ги подготвуваат традиционалните специјалитети како што се зелници, мазници, колпидиња, сукано со тиква, арванија и други слатки. Освен тавите со грав, годинава, богомилчанки подготвија тава со диво и месо од домашни животни, јагнешко печење додека сопственици на рибници донираа рибни специјалитети./У.Ј
