Привршува жетвата на оризот во општина Чашка
Престанаа врнежите, се подзасуши земјата и се создадоа услови за влегување на земјоделците во оризниците. Оризопроизводителите велат дека доколку продолжат сончевите денови ќе можат навреме да го приберат годинешниот род. Според нивни проценки, од оризниците по течението на река Тополка, годинава ќе имаат рекорден род. Таму деновиве од хектар се собираат и по 9.000 килограми оризова арпа.
„Од родот и квалитетот на оризот сум презадоволен. Години наназад сме немале вака квалитетен ориз. Жетвата ја завршив и вкупно родот што го најдов, од еден хектар, колку што имав, тежи околу 8.500 килограми. Купувачите , кој веќе се тука, како и минатата година ни нудатат цена од 25 до 30 денари за килограм оризова арпа. Иако оваа цена е ниска сепак доколку го продадам родот ќе бидам задоволен. Идната година планирам да ги зголемам површините“, вели Митко Игнов од село Еловец.
Досега, од вкупно посеаните 60 хектари, ожнеани се деведесет одсто.Вкупната количина на род која ја очекуваат земјоделците треба да изнесува над 500 тони оризова арпа.
„Задоволен сум од приносот и од квалитетот. Собрав пет тони . Поголем дел ќе го продадам како оризова арпа, а дел ќе го избелам и ќе го продавам како бел ориз. Не сум задоволен од моменталната цена како на арпата така и на белиот ориз. Некогаш за килограм ориз се нудеа по два па и три килограми грав, а сега оризот се продава по 70, а кравот по 150 денари. Но за сметка на тоа приносите од хектар кај оризот се многу поголеми па некако и со оваа цена ги покриваме трошоците, а останува и нешто за нас“, вели Каме Трајков од Лисиче.
Пред триесетина години земјоделците од Чашка, Еловец, Мелница, Голозинци, Лисиче, Долно Врановци, Стари Град, Мартолци, Долно Оризари и други села по течението на реките Тополка и Бабуна, оризот го сееа на повеќе од 200 хектари. Со обезбедувањето на доволните количества на вода во реката Тополка производителите велат дека површините под ориз идната година ќе се прошират за уште 40 до 50 хектари. Во прибирањето на родот беа ангажирани десетина комбајни./С.А
