Цената на млекото со галопирачки раст, родители се жалат дека не можат да купат литар млеко за децата
Родители се жалат дека постојаното покачување на цената на млекото во трговската мрежа во Велес ги доведува во состојба да не можат повеќе да купат литар млеко за своите деца. Според нив за помалку од 10 дена цената на свежото млеко се покачила за пет денари. Од 77 на 82 денари. И покрај владината одлука за замрзнување на маржата цената во продавница на овој вид на млечен производ постојано расне. За помалку од два месеци цената достигнала покачување од 50 % и според информации на трговците кои тврдат дека со секоја нова пратка има покачување на цената на млекото сомнежите се дека до крајот на месецот свежото млеко може да се продава по цена што ќе биде 100% поскапа.
Од министерството за економија велат дека имаат информации за поскапувањето на овој основен прехрамбен производ како и дека ќе има нова владина мерка за да се сопре галопирачката цена.
„Со примена на трговските маржи како инструмент за контрола на цените се врши ограничување на цените бидејки во висината на трговските маржи се опфатени трговскиот профит и оперативните трошоци на трговците. На овој начин, евентуалниот раст на цените во трговијата на големо и трговијата мало ќе биде предизвикан од растот на увозните и берзанските цени, како и растот на производствените трошоци,“ одговорија од економија на новинарските прашања на Дума.мк дали се запознати со галопирачкото поскапување на цената на млекото и што ќе превземат.
Од ова министерство додаваат дека ќе има нова владина мерка според која за 150 компании, производители на основни прехрамбени производи како што се млеко и млечни производи, брашно, леб и масло за јадење, ќе се обезбеди користење на електрична енергија од регулиран пазар со цел да се направи интервенција со која ќе се влијае на запирање на галопирачкиот тренд на зголемување на цените.
Убавка Јаневска