Четворица починати ковид пациенти, во велешка болница слободни само четири легла
По двајца пациенти од Свети Николе и од Велес починаа од Ковид-19 во изминатите 24 часа во велешка болница. Маж на 69 годишна возраст и маж на 74 годишна возраст од Велес како и жена на 53 годишна возраст од Свети Николе и маж на 79 годишна возраст веднаш штом бил примен на болничко лекување се починатите ковид пациенти. Во изминатата седмица црниот биланс изнесува вкупно 14 починати граѓани од инфективното заболување.
-Кај пациентите коишто починаа во изминатите 24 часа дијагнозата е ковид пневмонија. Во болницата има вкупно хоспитализирани 76 пациенти од коишто 60 се потврдени позитивни, единаесет се сомнителни и четворица пациенти се со негативен тест но задржани на болничко лекување. Исто така, за едно деноноќие примени се шест и испишани се четворица пациенти. На кислородна поддршка во моментов се наоѓаат 27 пациенти во велешка болница, рече портпаролката на велешка болница, Д-р Елена Левкова Ќулумова.
Од вкупниот број на лежечки ковид болни на Инфективно одделение има 59 пациенти и на Интерно одделение 17 пациенти. Од ЈЗУ Општа болница Велес информираат и дека денеска располагаат само со уште четири слободни болнички легла.
Стефани Манева