ЦЈЗ Велес ќе ја реализира имунизацијата против сезонски грип, ќе почне во втората половина на месецов

Објавено: 3 октомври, 2025, во 15:00 часот
Фото: Центар за јавно здравје Велес

Вакцинацијата против сезонски грип и годинава ќе ја реализираат здравствени работници на Центар за јавно здравје Велес. Освен велешани со имунизација ќе се покриваат и соседните општини Чашка, Градско и Лозово каде нема јавни здравствени установи. Оваа јавна здравствена институција ги очекува инструкциите на Министерството за здравство.

Заменик министерот Јовица Андовски денеска вели дека договорот  е потпишан и со него е купена количина од 80 000 четиривалентни вакцини од реномираниот холандски производител „ABBTT“.

-Наредната недела очекуваме испорака и завршување на административно техничките процедури. Поточно количината да се прими и да се направат проверките од страна на „Малмед“. Ќе се стави во функција и електронскиот сајт на којшто граѓаните ќе можат да се пријавуваат на отворени термини. Тоа значи дека во втората половина на месецов за граѓаните ќе започне имунизaцијата. Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна мерка за превенција на грип, која спречува појава на потешки форми и компликации, особено кај ризичните групи, додаде Андовски.

Со бесплатната вакцинација ќе се опфатат ризичните групи население, како што се: повозрасни лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до 5 години, како и лица сместени во установи за социјална заштита на стари лица и вработените во установи за социјална заштита на стари лица.   

Минатата година велешкиот Центар за јавно здравје аплицираше бесплатни 2.857 дози на вакцини против сезонски грип  како и 56 дози кои граѓани ги платија за да ги примат.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.