ЦЈЗ Велес: За велешани, единствено безбедна за пиење е водата од градскиот водовод

Испитувањата на квалитетот на водата којшто се месечни и ги врши Центар за јавно здравје Велес, покажуваат резултати според кои дистрибуираната вода од градскиот водовод во Велес ги задоволува законските нормативи за безбедност на водата за пиење. Тоа значи дека од извршените микробиолошки и физичко хемиски анализи во текот на месец јули водата што ја пијат велешани е здравствено безбедна и квалитетна. Но не е така според извештајот на оваа јавна здравствена институција кога станува збор за состојбата со водата за пиење од природните чешми.
„Природните чешми во градот се епидемиолошки несигурни, со непостојан квалитет, со висок процент на бактериолошка и физичко хемиска неисправност. Кај бактериолошки неисправните води се изолирани бактерии, индикатори на фекално загадување, најчесто Ешерихија коли и Колиформни бактерии, предизвикувачи на цревни заразни заболувања“, пишува во последниот извештај на Центар за јавно здравје подготвен од страна на прим. Д-р Снежана Петрова специјалист по хигиена и раководител на Одделение по хигиена и здравствена екологија.
Според јавната здравствена установа на секоја од овие чешми е поставено предупредување дека водата не е безбедна за употреба. Оттаму очекуваат дека граѓаните ќе го почитуваат предупредувањето и нема да ги користат водите за пиење и приготвување на храна.
Ова е особено значајно во екот на летните горештини и високи температури кои се дополнителни причинители на стомачни болести кои се манифестираат со повраќање и дијареи.
Стефани Манева
