ЦУК: Гореа денеска села во светиниколско, прва жртва во кумановско а вечерва огнот се движи од село Немањици кон Штип
Линијата на пожарот од село Немањци кон Свети Николе и Штип, гледано од височините на Богословец е прикажана на фотографијата којашто во моментот ја испрати ЦУК.
Центар за управување со кризи вечерва ги соопшти информациите поврзани со денешните пожари во источна Македонија. Меѓу најризичните беа селата Орел и Малино, во општина Свети Николе. Изгорени се куќи и во светиниколското село Немањици, соопшти директорот на Центар за управување со кризи Стојанче Ангелов.
Центар за управување со кризи сподели и неколку видеа од денешните гаснења на пожари во светиниколската општина. Во дел од нив се евакуираа жители.
Фотографиите говорат како пожарникарите на Доброволно противпожарно друштво Свети Николе со помош на граѓани како и воздушна поддршка од хеликоптер на МВР се обидуваат и покрај силниот ветер огнот да го стават под контрола.
Вечерва фронтот на огнот од светиниколското село Немањици, иако прво претставуваше опасност за градот Свети Николе, сепак, продолжи да се движи во насока на Штип. Видеото од хеликоптер само што го објави Центар за управување со кризи.
Во последната денешна информација оваа државни институција сублимираше дека на територијата на цела држава има вкупно 42 пожари на отворено и шумски пожари, од кои 17 се активни, 4 се под контрола и 21 е изгаснат.
АКТИВНИ ПОЖАРИ се вкупно 17 поточно воОпштина Куманово: с.К’шање – с.Кокошиње; во Општина Старо Нагоричане 1: с.Руѓинце, с.Коњух; во Општина Свети Николе 1: с.Малино; во Општина Свети Николе 2: с.Орел – с.Немањици; во Општина Пробиштип: с.Зелениград – с.Јамиште; во Општина Македонски Брод: с.Тажево – с.Брезница – Крак кон Јасен; во Општина Кочани: с.Главовица; во Општина Прилеп: с.Радобил; во Општина Долнени: с.Секирци; во Општина Свети Николе 3: с.Делисинци; во Општина Старо Нагоричане 2: с.Малотино; во Општина Липково 1: с.Отља – с.Липково; во Општина Липково 2: с.Никуштак; во Општина Ново Село: Смоларски Водопади; во Општина Струга: с.Велешта; во Општина Чашка: с.Оморани, м.в.Мукос и во Општина Прилеп: Маркови Кули;
ПОД КОНТРОЛА ставени се 4 пожари и тоа во Општина Штип: с.Црешка; во Општина Делчево: Депонијата која тлее во внатрешноста и нема опасност од проширување; во Општина Демир Хисар: Илинска Планина помеѓу с.Слоештица и с.Брежани и с.Плаќе и во Општина Пробиштип: с.Горно Барбарево кон с. Стрисовци.
Убавка Јаневска