Дел од жителите на село Отовица благодарни за гаснењето на пожарот од воздух
Прецизноста на пилотите кои ги управуваа двата „Ер трактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување и особено на хеликоптерот на Министерството за внатрешни работи во истурањето на водата врз огнот во близина на нашите куќи ни ги спаси имотите во пожарот што пред два дена се запали кај селото Отовица, констатираа жители на ова велешко село. Според нивни изјави пилотирањето на хеликоптерот, брзото полнење на вода во ведрото и прецизното истурање врз разгорениот оган биле охрабрувачки за да се смири паниката која во вакви ситуации се создава меѓу луѓето. Овие Велешани побараа да биде упатена јавна благодарност како за пилотите така и за пожарникарите на Територијалната противпожарна единица Велес за кои велат дека вложиле надчовечки напори за да го спречат од земја ширењето на пожарот.
„Должиме благодарност за брзата и стручна воздушна акција на државните институции како и за интервенцијата од земја на велешките пожарникари. Бевме под голем стрес во времето од 13:40 до 17:00 часот. Надешта дека нема огнот да се пошири кон нашите дворови и куќи ни ја врати хиликоптерот од чие ведро истече најголема количина на вода и тоа на најризичните места на опожарената површина или директно врз огнот кој го имаше на повеќе места,“ рекоа неколкумина граѓани.
Токму тие како и сопственици на куќи и вили на соседни локации на езескиот брег на „Младост“ побараа од Дума.мк да ја пренесе нивната благодарност за севкупната интервенција на сите учесници во гаснењето на пожарот кој на 2 Август запали и изгоре околу 50 хектари површина. Според објава на градоначалникот на Велес, Марко Колев, на Фејзбук, на опожарената површина изгорени се нискостеблести растенија и борова шума.
Убавка Јаневска