Во Демир Капија избрани најбрзиот кројач и најдобрите производители на вино и ракија
Комисијата ги прогласи победниците кои зедоа учество на натпреварот за најдобар кројач на винова лоза. Годинава за најдобар кројач на винова лоза стручната комисија го избра Илија Ангелов, втор е Трајче Јованов, додека третото место му припадна на Стојанчо Мошев.
Во рамките на прослаавата беа прогласени и победниците во натпреварите за производство на најквалитетно домашно вино и ракија. Лозарот Блажо Петров е прогласен за најдобар производител на домашно вино, второто место за вино го освои Соња Ќумурџиева и третото место го доби Павле Коцев.
За најдобар производител на домашна ракија за годинава е прогласен лозарот Благој Јованов, второто место од оваа категорија го освои Душан Петров и на трето место Блажо Јованов. На учесниците градоначалникот Трајче Димитриев им додели благодарници, а наградите ќе им бидат доделени на 14 февруари на одржувањето на централната прослава посветена на празникот Свети Трифун.
Во рамки на активностите за одбележување на на традиционалната манифестација Недела на традициите Свети Трифун 2014,во организација на општината Демир Капија и Центарот за едукацијата и вмрежување во туризмот Ценет ,во ресторанот Ловец за земјоделците се одржа Трибина на тема Можности за органско производство. Предавач на трибината беше инженер агроном Горан Колев. Тој одговараше на бројни прашања на присутните поврзани со органското производство во земјава како и можностите и условите за органско производство кај нас./ Б.Н.Т