Дума.мк ја предаде на ЗНМ „Анализата“ од проектот „Јасно и гласно !“ со наодите за безбедноста на локалните новинари (фото)

Објавено: 24 декември, 2025, во 15:48 часот

Анкетен прашалник со вкупно 18 прашања беше дистрибуиран до 41 локален новинар и медиумски работници во четири општини Велес, Штип, Прилеп и Куманово како една од активностите на проектот „Гласно и јасно“ којшто Дума.мк, во изминатите девет месеци, го спроведуваше во градовите Велес, Прилеп, Штип и Куманово на кој што локалните новинари одговорија, помеѓу другото и на прашањето „Дали во изминатата година сте се соочиле со вознемирување, закана, навреда, пријава или тужба поврзани со авторски медиумски производ?“

„Најголем број од испитаниците кои потврдно одговорија или 45.5% напишаа дека биле предмет на навреда со цел омаловажување, исмејување и лично дискредитирање. 9.1% изјавиле дека биле жртви на вознемирување. 20% од овие испитаници одговорија дека заканите и малтретирањето биле извршени во директен контакт, а 30% дека добиле онлајн закани. Кај 30% од испитаниците што добија онлајн закани, истите биле напишани од вознемирувач- заканувач во коментар на социјални мрежи под објавен линк на медиумски производ. Кај 10% од овие закани предмет на заканата биле и членови на семејството на новинарот/медиумскиот работник. 36.4% од новинарите и медиумските работници кои биле предмет на закана изјавија дека заканите ги добиле од граѓани, а дури 18.2% од локални моќници. Од нив 22.2% добиваат редовни закани на неделно и месечно ниво. Само 11% потврдија дека ги пријавиле заканите и тоа во најголема мера кај локални колеги кои се контакт точки (над 22%). Најголемиот дел од новинарите кои изразија степен на задоволство во врска со преземените дејства укажуваат дека најчесто реагира ЗНМ, а врз основа на тоа и полицијата. Сепак, тие сметаат дека е потребно стихијното пренесување на информациите да се замени со системско решение,“ рече новинарката Убавка Јаневска, координаторка на проектот, на средбата со извршниот директор Драган Секуловски и колегите во Здружението на новинари на Македонија во Скопје.

Јаневска предавајќи му ја на еснафското здружение „Анализата за безбедноста на локалните новинари и медиумски работници во Македонија“  истакна дека „безбедноста на новинарите на локално ниво се карактеризира со ниско ниво на пријавени напади, но тоа не е резултат на безбедна средина, туку на ограничен капацитет за критичко и истражувачко новинарство. Малите редакции, финансиската зависност и автоцензурата создаваат ситуација во која новинарите избегнуваат конфронтации со институции и локални моќници. Социјалната поларизација и политичката реторика дополнително ја поттикнуваат атмосверата на недоверба и стигматизација на новинарите“.

 

„Во однос на последиците, новинарите наведуваат дека најчесто ваквите закани предизвикуваат автоцензура, одбивност кон работата и здравствени проблеми. Локалните новинари и медиумски работници едногласно сметаат дека на локално ниво не постојат механизми на заштита. Новинарките на локално ниво се соочуваат со специфични форми на притисок. Ним заканувачи им вршат притисок поставувајќи им прашање „Дали знаеш кој сум јас!?“ или во државна институција прашање „Кој ве прати!?“ што воглавно се толкува како предупредување „не оди понатаму!“ , додаде Јаневска.

Секуловски и колегите во Здружението на новинари на Македонија ја превзедоа Анализата со контатација дека документот ќе подлежи на дополнително анализирање на наодите, заклучоците, препораките и предлозите кои се однесуваат на заканите, тужбите и СЛАПП тужбите на кои се изложени локалните новинари.

Стефани Манева

Овој настан, средба и дебата, активности се од проектот „Гласно и јасно!“ спроведуван од Регионален веб портал Дума.мк како дел од Програмата за поддршка на граѓански и медиумски организации на „SafeJournalists Network” финансиран од Европската унија.

Сподели:
safejournalist-logo eu-logo

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.