Две приватни фирми за 16.260 евра ќе ги чистат од снег и одржуваат проодни велешките улици и патишта во општината
Фирмите „Изгрев инжинеринг“, „Делта – Пром“ и Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, годинава, ќе го одржуваат чистењето на снегот, посолувањето на коловозот како на улиците во градот така и на патиштата кон селата на територијата на општината. По реализираната јавна набавка, годинава, Општина Велес потпиша два договори со приватните фирми додека третиот договор, со јавното претпријатие е од минатата година како постапка со преговарање на којашто се уште не и е истечен крајниот рок.
Годинава зимското одржување на улици и патишта како во градот така и во населените места, општината ќе ја чини 1 милион денари со вклучен ДДВ или 16.206 евра. Поточно, двете фирми ќе добијат по 500.000 денари за извршено чистења на снег, на наноси од снег и пренос на снегот до депонија со камиони кипери како и за рачно расчистување на одрони и рачно посолување на сообраќајници. Фирмите имаат обврска во текот на целиот зимски период, најдоцна за два часа од повикот да излезат на терен на локација што од нив ќе биде побарана независно дали станува збор за ден или за ноќ.
Согласно програмата за зимско одржување на магистрални и локални патишта овие два економски оператори имаат обврска да реализираат одржување на улиците поточно коловозите и сообраќајната сигнализација на уличната мрежа во градот поделена во два дела.
Во првиот се улиците: „Димитар Влахов“, „Кресненско востание“ – поранешна Иво Лола Рибар, „Петре Прличко“, „Ангел Мишев“ поранешна Нишка, „Стар мост“, „Димко Најдов“, „Илинденска“, дел од „8-ми септември“ поранешна „Маршал Тито“, „Благој Ѓорев“, „Гоце Делчев“, „Страчо Пинџур“, „Алексо Демниевски“ до спојот со АСНОМ поранешна Моша Пиаде, и до спој со „ Андон Шурков“ како и цела улица „Андон Шурков“ , „Вардарска“ којашто се третира како заобиколен пат од Велес до Башино Село, вкупната должина на овој прв дел од улици изнесува 11,70 км.
Во вториот дел се улиците „Наум Наумовски Борче“, „Алексо Демниевски“ од спој со „АСНОМ„ до железничка станица, „Борис Трајковски“ или поранешна „Ленинова“, „11 октомври“, „Кумановска“, „Тодор Христов Офицерчето“ поранешна „Народен фронт“, „Орце Мартинов“ до спој со „Самоборска“, цела улица „Самоборска“, „Тодор Јанев“ до спој со „Костурска“, цела улица „Костурска“, „Васил Ѓоргов“ до Којник, „8-ми септември“ поранешна „Маршал Тито“ од плоштад до Стар мост, „Лазо Осмаков“, „Луј Пастер“, „Д-р Христо Татарчев“ поранешна „Марксова“, „Никола Карев“, „Бане Андреев Ронката“, „Живко Фирфов“ до филтерна станица „ЈКП Дервен“ и „Љубен Весов“ од спој со улица „Архиепископ Михаил“ до спој со улица „Кочо Рацин. Вкупната должина на овие улици изнесува 8,30 км.
Во делот на зимско одржување на општински патишта фирмите имаат обврска и за расчитување на снег и одржување на проодност на патиштата кон селата: Башино Село, Отовица, Сујаклари, Кумарино, Горно Оризари, Клуковец, Долно Карласлари, Иванковци, Црквино, Сопот како и патот од Велес до новите гробишта во Раштани што во должина изнесува 39,22 км. Како и патот од Раштани преку Бузалково до Сливник и од населба Дурутовец до село Челошево со должина од 13,20 км.
Според минатогодишниот договор истите обврски ги има и јавното претпријатие за одржување на магистрални и регионални патишта подружницата Велес се до истекот на рокот, 6 декември, годинава.
Убавка Јаневска