Едукативна работилница во Велес ги охрабри младите гласно да зборуваат против насилството
Објавено: 4 декември, 2025, во 10:41 часот
Во топла и отворена атмосфера, исполнета со искрени пораки на поддршка, во медијатеката на велешката библиотека „Гоце Делчев“ се одржа едукативна работилница посветена на темата „Насилство“. Настанот беше организиран од Организацијата на жени на Општина Велес и Комисијата за еднакви можности при Советот на Општина Велес, како дел од Кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“.

Ученици од сите основни училишта во градот учествуваа во низа интерактивни активности и разговори, преку кои се запознаа со различните форми на насилство, начините на нивно препознавање и механизмите за превенција.

Ангелина Димовска Стојанова ја водеше работилницата со пристап што поттикнува размислување, охрабрува отворен дијалог и создава простор младите гласно да проговорат за она што често останува премолчено.
-Учениците упатија мотивирачки пораки на жените и девојчињата кои се жртви на било која форма на насилство. „Не си Ти виновна твојата храброст е наша инспирација“ ова е пораката од учениците од денешната едукативна работилница, објаснија од организација на жени.

Работилницата беше поддржана од Општина Велес, а преку неа младите добија можност да научат, да прашаат, но и да покажат дека промените започнуваат токму од нив.
Стефани Манева


