(Фото и видео) Бојмацалиев: Најдоцна за месец и половина од фотографирањето граѓаните треба да ги добијат новите лични документи
Македонската полиција преку формирање на централен и штабови во секторите за внатрешни работи се подготвува да обезбеди фер, слободни и демократски претседателски и парламентарни избори 2024, соопшти денеска дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев по остварената средба со колегите во СВР Велес.
Овие штабови прибираат потребни информации а од денеска е започната и официјалната кампања како за претседателските така и за изборот на новиот состав на македонското Собрание соопшти пред новинарите Бојмацалиев. Тој исто така бил и инфориран за останатите тековни активности на подрачјето на овој сектор по што заклучи дека безбедносната состојба била поволна и граѓаните биле безбедни. Меѓу другото споделена била и информацијата дека МВР ги обезбедило финансиските средства за исплата на бонус плата на вработените во полицијата.
-Финансиските средства се обезбедени со новиот буџет и единствена препрека за тоа што не се исплатени бонус платите за 2023 година е поради распишувањето на парламентарните и претседателските избори. По завршување на изборите и мандатот на техничката Влада ќе започне процедурата на собирање на податоци и сумата за бонус плата којашто за жал до 2017 година не беше исплаќања, а на редовна исплата е од таа година па наваму. Исто така ги информирав колегите дека привршува постапката потикната од синдикатот во месец ноември за добивање на паричен надоместок наместо храна за полициските службеници коишто работат во трета смена. Со ова сакам да пренесам дека го слушаме гласот на македонската полиција, ги разбираме нивните потреби и тука сме за да изнајдеме заедничко решение, додаде Бојмацалиев.
Помеѓу другото тој информираше и за реновираните полициски објекти на територија на СВР Велес, Кавадарци и Чашка и одговори на неколкуте новинарски прашања што се содржани во видео изјавата.
На поставеното прашање на Дума.мк, каква е состојбата со воведувањето на ред за издавање на личните документи Бојмацалиев одговори дека не може да се издаваат повеќе од 3400 документи во работниот дел од понеделник до петок и во сабота уште 2000 бидејќи со толкав капацитет располагаат машините што државата ги има за издавање на нови лични документи.
-Единствено што е зголемено е обемот на фотографирање и на чекање за да ги добиете готовите документи, ништо друго не е зголемено во периодот на техничката Влада до денеска, потенцираше Бојмацалиев.
Тој одговори дека граѓаните новите лични документи треба да ги добијат најдоцна за месец и половина од денот на фотографирањето.
Убавка Јаневска