(фото и видео) „Тоше во срце те носиме“ – Хуманитарен концерт во чест на Тоше Проески од учениците на велешката гимназија

Објавено на 22 октомври, 2025 во 13:30

Со топлина, искреност и силна љубов, гимназијалците од СОУ „Кочо Рацин“ – Велес, годинава повторно докажаа дека споменот на Тоше Проески не бледее, туку продолжува да свети преку нивните срца и гласови. Традиционалниот хуманитарен концерт „Тоше во срце те носиме“, по повод годишнината од неговото прерано заминување на 16 октомври, денеска ја исполни салата „Бели мугри“ со емоции, музика и човечка добрина.

Настанот започна со едноминутно молчење во чест на Тоше, а потоа на сцена се качи Филип Настов којшто е поранешен ученик на гимназијата и иницијатор на оваа благородна традиција. Настов во своето обраќање посочи дека му претставува огромна чест што генерациите после него со исто толку љубов го подготвуваат овој хуманитарен концерт.

Дчињата од детската градинка „Димче Мирчев“ први застанаа на сцената, тие со својот настап донесоа невина радост и симболично го отворија патот на љубовта што следеше преку секоја изведба.

Потоа, училишниот бенд изведе неколку од најпознатите и најемотивни песни на Тоше, секоја претходно најавена со кратка порака, инспирирана од нејзината суштина. Публиката уживаше во секоја изведба и направи вистинско ѕвездено небо, осветлувајќи ја салата со светла токму за време на изведбата на „Тајно моја“.

Посебно внимание привлече и драматизацијата, подготвена од три ученички. Преку кратки сцени публиката беше водена низ животот и кариерата на Тоше – од неговите скромни почетоци, до моментот кога стана ѕвезда што блескаше над Балканот. Тие не само што зборуваа за неговиот талент, туку го пренесоа и неговиот дух – човечен, скромен и полн со љубов.

Целиот настан беше дело на учениците од Гимназијата. Секој детаљ беше внимателно испланиран и исполнет со емоција, покажувајќи дека младите луѓе не само што не го забораваат Тоше туку и секојдневно го носат во своето срце.

За време на настанот беше поставена и кутија за донации од велешкиот Црвен крст.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.