(фото и видео) Во вчерашното невреме во Велес: поплавени улици и дуќан, штети на возила и паднат кров

Објавено на 19 јуни, 2025 во 11:07

Силно невреме проследено со пороен дожд и грмотевици го зафати Велес вчера попладне, предизвикувајќи сериозни проблеми низ градот. Улиците беа претворени во реки, а главните сообраќајници беа целосно поплавени, особено делот кај спортската сала „Гемиџии“ и улицата кај Трговскиот центар, каде граѓаните снимиле видеа од водени млазови слични на водопади кои се излеваа по улиците.

Од Центарот за управување со кризи за Дума.мк информираа дека биле пријавени неколку штети, но дека сите ситуации се ставени под контрола.

-Во текот на вчерашниот ден беше пријавена поплава во дуќан на улица Благој Ѓорев, пожарникарите веднаш излегоа на терен и ја испумпаа водата. Покрај тоа, пријавени се и штети на три моторни возила, како и голем број наноси од земја и камења на неколку улици. Но улиците утрово се исчистени и сообраќајот во градот се одвива нормално, соопштија од ЦУК.

Дополнителна интервенција била потребна и од Територијалната противпожарна единица Велес за паднат кров врз паркирани возила.

-На 18.06.2025 во 20:35 часот примивме дојава за паднат покрив врз паркирани возила. Со едно противпожарно возило тројца пожарникари излегоа на терен. По пристигнување, ги отстранивме плеховите кои паднаа врз возилата и оние што беа закачени на дрвјата и претставуваа опасност за минувачите, информираат од ТППЕ Велес.

Граѓаните кои се најдоа во центарот на невремето велат дека поројниот дожд траел релативно кратко, но бил исклучително интензивен, предизвикувајќи хаос за само неколку минути. Среќна околност е што, според официјалните информации, нема повредени лица.

Од надлежните институции апелираат до граѓаните да внимаваат при вакви временски појави и да пријавуваат штети или опасности до соодветните служби.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.