(ФОТО) Лекарите Тодоровски и Хаџинаумов годинешни добитници на признанија за трајни вредности на велешки Црвен Крст, благодарницата „Ангел Киров“ за Никола Мицис најдобриот волонтер во Велес
Општинската организација на Црвен крст вчеравечер им се заблагодари за волонтерскиот ангажман на сите свои волонтери кои несебично се вложуваат и придонесуваат во работата на најхуманата организација како во нашиот град така и во државата.
Во Црвен Крст Велес волонтирале и биле активисти многу волонтери, но има и такви кои со години или над четири децении континуирано се присутни. Годинава добитници на Признанија за животно дело на полето на волонтерството се д-р Филип Тодоровски и д-р Владо Хаџи Наумов како и младиот Никола Мицис на Благодарница „Ангел Киров“ за најволонтер во 2023 година со точно 207 реализирани волонтерски часови.
Пред присутните на годишната свеченост посветена на волонтерството, организирана во големата сала на Општина Велес, претседателката на велешки Црвен крст д-р Кевица Шопова ги истакна вредностите на ова големо хумано семејство составено од волонтери и од долгогодишни активисти препознатливи по несебичното вложување во растот и развојот на човечката доблест да се биде човек, да се помогне секому и да се волонтира.
Велешки Црвен крст одбележа 78 години постоење и ги потсети велешани на многу наши сограѓани коишто низ годините биле активносто вклучени во Црвениот крст. На свечениот настан беа споменети имињата коишто ја извршувале фунцкијата претседател на Црвен крст како што се Томе Бујуклиев, Јован Николов, Никола Стојанов, Лиле Вулечевиќ, Риза Мехмедовиќ, Миле Марков како и на секретарите Вера Андова, Никола Арсовски, Живко Пановски и Миле Маџаров.
Благодарници добија девојките коишто за прв пат во 29 годишното работење на велешки Црвен крст му ја донесоа престижната прва награда на државниот натпреват по прва помош. Тие се ученичките волонтерки на екипата на ССОУ „Димитрија Чуповски“ поточно Бојана Воденичарова, Ива Гргиќ, Марија Нечева, Теа Славеска, Верица Мишкова и Елена Наумова. Ним благодарницата им ја додели и д-р Марија Давчева.
На Државниот натпревар, годинава одржан во Велес, учествуваа повеќе од 400 учесници а најголемиот организациски товар, покрај стручната служба на Општинската организација на Црвен крст, го понесоа волонтерите од Клубот на млади. Тие само во еден ден волонтираа и до 12 часа. Годинешните благодарници за нивниот ангажман и волонтирање ги додели Ивана Зафирова, член на Раководниот одбор на ООЦК Велес, на Марија Митева, Андреа Илиевска, Антонија Гијовска, Баже Николов, Љубе Лазов, Даниел Србов, Елена Николова, Филип Настов, Клара Арсовска, Ангела Колодезни, Кристина Костовска, Мартин Митев, Меги Павловска, Сара Јовчевска, Сара Наумова, Сашка Манаскова, Валентино Атанасовски , Вероника Гијовска, Ива Зврцинова, Клементина Ѓорѓиева, Лазар Коцев, Марија Јанковска, Мартина Ѓорѓевиќ, Матеја Матева , Моника Мишевска, Сара Ѓорѓиева, Теона Гаврилова, Петар Стојановски и Ристе Банев.
Под мотото „Помладите треба да учат од поискусните“, Анде Марковски член на Раководниот одбор на ООЦК Велес, ги додели признанијата за подршка и реализација на Државен натпревар по прва помош во делот на логостика и тоа на волонтерите Петре Петрушевски Зоран Ѓорѓиев, Ивана Зафирова, Верољуб Додевски, Виолета Ташевска, Данче Петрушевска, Елеонора Бузалковска Костовска, Амела Ализотова и Биљана Ѓорѓиева.
Локалните медиуми изминатата година постојано го поддржуваа Црвен Крст Велес преку информирање на граѓаните за секој настан. Затоа, потпретседателот на ООЦК Велес, Зоран Ѓорѓиев додели благодарниците на веб порталите Дума.мк, Батали.нет,ТиРековМиРече, на Радио Голди, и 5ФМ Радио како и на дописничката на МИА, новинарката Антоанела Гајдова Димитриевска.
Настанот беше збогатен прикажување на промотивно видео од одржувањето на годинешниот државен натпревар во прва помош во Велес и со настап на балерините од балетското студио „Анабела“ кои изведоа три кореографии.
Стефани Манева