(фото) На својот патрон празник, велешкото економско училиште „Јовче Тесличков“ доби нов, современ кабинет за Дигитален маркетинг
Учениците од смерот техничар за Е – трговија и дигитален маркетинг во втора година, добија нов современ кабинет за Дигитален маркетинг со нови технички елемнти, опрема и ресурси. Дваесет нови компјутери и тастатури, четири маси за состаноци, биро, шест бели подвижни табли како и канцелариски материјал е всушност донација за економското училиште „Јовче Тесличков“ од компанијата „Маркард Македонија“ .
Директорот на економското училиште Васко Трајковски, на денешниот настан по повод 63 години постоење на училиштето, изрази голема благодарност до компанијата „Маркард Македонија“ бидејќи преку оваа донација учениците ќе имаат можност да го развиваат својот креативен потенцијал и да стекнат практични вештини во областа на дигиталниот маркетинг и е – трговија.
-Со ова сме поблиски до остварување на нашата мисија а тоа е да ја трансформираме нашата училиштна заедница во дестинација за дигитални таленти и иноватори. Преку стратегии за брендирање и маркетинг, ние создаваме искуства и ресурси кои ги привлекуваат идните маркетери во профилот Дигитален маркетинг и е-трговија. Воедно нашата визија е да ги подготвиме учениците за глобалната сцена и да ги направиме конкурентни на светскиот пазар во областите на дигиталниот маркетинг и е-трговијата и да ги воведеме во светот на меѓународните предизвици и можности, додаде Трајковски.
Присутните имаа можност да го посетат кабинетот и учениците преку презентација ги запознаа со можностите коишто им ги нуди новиот простор. Професорката Маја Талеска Панова рече дека за почеток трите маркетинг агенции,коишто претставуваат практична настава на учениците – маркетинг маркетери, ќе имаат за цел да направат маркетинг на училиштето.
На одбележувањето на денот на патронот беа присутни голем број на ученици, директори на училишта и институции. Настанот беше збогатен со културна програма подготвена од страна на учениците.
Стефани Манева