(фото) Одлично функционираат малите групни домови во Велес и Градско, лицата со попреченост постојано се вклучени во разни активности
Две полни години одлично функционираат малите групни домови во Велес, во Башино Село и во Градско. Нивните корисниците се во добра општа состојба. Ним услуги им даваат 20 вработени лица од кои еден координатор социјален работник, еден физиотерапевт, едно административно лице додека останатите 17 се негувателки кои се распоредени во четирите групни мали домови во двете општини. Негувателките се ангажирани 24 часа, во три смени, за задоволување на секојдневните потреби на корисниците.
Претседателката на Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености, Далиборка Златева вели дека за корисниците постојано се организираат разни активности со цел денот да им биде целосно исполнет.
– Нашите корисници се дел и од многубројни активности и манифестации коишто се организираат во Велес и надвор од градот. Ние ги шетаме корисниците покрај крајбрежјето на Езеро Младост, потоа дел од нив учествуваа и во активности преку фондацијата „Ице Бегов“ и планинареа, поточно беа дел од рекреација во планина. Секако ова не можеме да го направиме за сите корисници, бидејќи дел од нив се во тешка состојба, меѓутоа и за нив се трудиме да биде денот малку поинаков преку вклучени работен терапевт и физиотерапевт, за да можат да излезат од домот и да имаат мала прошетка околу него. Корисниците, во групните домови, цртаат, играат, слушаат музика, редат сложувалки, организираат роденденски забави и тоа се активности коишто ние секојдневно сакаме да им ги наметнуваме се со цел за да бидат вклучени, социјализирани и интегрирани, додава Златева.
Од пред три недели, со секој корисник посебно работи и личен асистент. Оваа услуга посебно им годи на корисниците бидејќи добиваат поголемо внимание што го искажуваат преку чувствата како што се радост и расположение.
-Личните асистенти коишто ги обучивме во претходниот период, бидејќи сме организација којашто веќе се лиценцира и за лична асистенција, како практичен дел ги вклучивме во поддршка на лицата со попреченост во малите групни домови. Ова покажа добри резултати. Лицата со доделен личен асистент имаат можност да прошетаат надвор од домот, дел од денот да го посветат на цртање, слушање музика, редење на коцки, правење на сложувалки и слично. На секој човек му е потребно внимание. Реакциите ни покажаа дека и за корисниците оваа е многу добра одлука. Во иднина доколку имаме повеќе финансиски средства ќе вклучуваме и работни терапевти како и луѓе коишто би биле дел од оваа услуга за да можат да го осмислат денот да им биде позабавен, по организиран и да се чуствуваат исполнето, додава Златева.
Корисниците на малите групни домови посетуваат најразлични работилници како грнчарска, ликовна, литературна, спорстка и за животни вештини преку проектот „Центар за социјална инклузија – together“ кадешто се направени мешовити групи од стари лица и лица со попреченост кои заеднички се дружат.
Малите групни домови во изминатите две години имаат одлична соработка и со локалните самоуправи на Велес и Градско но и со матични лекари, стоматолози и гинеколози на коишто неизмерно им се заблагодаруваат од здружението. Исто така, Златева упати и посебна благодарност до вработените во Итна медицинска помош Велес и до Општа болница Велес од кои често имале потреба а секогаш добивале поддршка.
Инаку, претходната година, за прв пат во својот живот корисниците од малите групни домови биле на летување во Црна Гора. Таму поминале преубав одмор, се бањале во морето и уживале на сонцето.
Според Златева во иднина треба да се отворат уште неколку мали групни домови и да се прошират капацитетите бидејќи постојано се зголемувала потребата од сместување во нив на лица со попреченост.
Стефани Манева