(фото) Секое трето девојче на 15 години во Македонија се чуствува осамено, презентирани резултати од истражување за однесување на учениците
Секое трето девојче на 15 години во Македонија изјавува дека е осамено, а секое второ на истата возраст чуствува дека во изминатата година, поточно 12 месеци се чуствувала толку тажно и безнадежно, речиси секој ден во текот на две или повеќе недели, што прекинала да ги прави вообичаените активности. Поточно, споредено со просекот од 28% од 15-годишните девојчиња кои известуваат чувства на осаменост, во земјава таа бројка е 31%.
Овие податоци денеска беа презентирани во Општина Велес откако Регионалната канцеларија на СЗО за Европа ги објави најновите податоци за ментално здравје од студијата Однесување поврзано со здравјето кај деца на училишна возраст, откривајќи широко застапен и загрижувачки тренд низ Европа и Централна Азија.
Според ХБСЦ, Сликата во земјава не е далеку од овие состојби, односно и тука со возраста расте преваленцијата на млади од 11 до 15 години со нарушено ментално здравје, и тоа на повеќе индикатори на менталното здравје, со најголем пораст кај девојчињата на 15 години.
-Чести нерасположенија речиси секојдневно, во последните шест месеци, пријавиле дури 57% од девојчињата на 15 години во нашата земја, а од психосоматски тегоби истовремено, повеќе пати неделно во последните шест месеци како: болки во стомакот, главоболки, вознемиреност, раздразливост, проблеми со спиењето и концентрацијата, страдаат 6 од 10 девојчиња на 15 години“, велат од ХБСЦ.
Исто така, оттаму дополнуваат дека и задоволството од животот опаѓа со возраста од 11 до 15 години, кај девојчињата многу побрзо отколку кај момчињата.
-Трендот во последните осум години, низ три истражувачки циклуси од 2014 до 2022 година, ја покажува истата насока на меѓуродови и меѓувозрасни разлики, со високи сличности меѓу 2014 и 2022 година, токму на индикаторите на менталното здравје, што укажува на висока чувствителност на децата на општествените случувања и услови во кои живеат, независно дали се работи за социјална, политичка или здравствена криза и несигурност на заедницата, покажува студијата.
За овие наоди, Лина Ќостарова Унковска, водечки истражувач на студијата за Македонија вели дека бројките се одраз на нашето општество, нашите училишта, нашите домови, дополнувајќи дека ова е повик за преземање акција – да разбереме подлабоко, да делуваме побрзо и да дадеме поголема поддршка.
Истражувањето во Македонија е спроведено на 5.132 ученици и ги следи однесувањата и животниот стил на децата и младите во различни и променливи животни услови, споредувајќи ги со децата од другите региони во светот.
Тимот истражувачи им додели благодарници на проект кординаторите во училиштата за успешна реализација на истражувањето.
Стефани Манева