(фото и видео) Велешанецот Зоран Дуков го искачи Мон Блан – највисокиот врв во Западна Европа
Објавено: 12 септември, 2025, во 13:27 часот
Велешанецот Зоран Дуков, долгогодишен планинар и љубител на алпинизмот, оваа сезона го реализираше својот најголем планинарски сон – го искачи Мон Блан, на 4808 метрим кој е највисокиот врв во Западна Европа и „круна“ на Алпите. Во разговор за Дума.мк, Дуков откри дел од искуствата, подготовките, но и опасностите со кои се соочил при оваа сериозна алпинистичка авантура.

-Алпите се желба за секој што се занимава со овој спорт – па така и за мене. Мон Блан е кралот на Европа, сон на секој планинар, алпинист и љубител на outdoor спортови, обаснува Дуков.
Овој велешанец со планинарење се занимава веќе 20 години. Почетоците му биле на македонските планини, во сите годишни времиња, но амбициите со текот на времето се зголемиле.

-Почнав со врвови во Македонија во летни и зимски услови, а потоа продолжив во соседните држави – на Мусала и Вихрен во Бугарија, на Олимп во Грција, Триглав во Словенија до 3000 метри со оглед на финансиите. Подоцна го искачив и Арарат, висок 5137 метри, раскажува Дуков.
Оваа сезона, заедно со екипа од Велес, Дуков бил на неколку врвови во Алпите и Доломитите, како подготовка за Мон Блан.
-Во јули го искачивме Signal Cupe, 4554 метри и Piz Boe кој е 3152 метри на Доломитите. Тоа беше дел од подготовките за Мон Блан. Пред самиот искачувачки обид, го искачивме и Gran Paradiso – 4061 метри како аклиматизација, вели тој.


Со речиси две децении искуство, овој планинар на Мон Блан се искачил во август, заедно со група од Скопје, поточно со планинарската група „Love Hiking Македонија“. Патеката која ја следеле води од Chamonix, „меката на алпинизмот“, а искачувањето, како што откри за Дума.мк, траело два дена.

-Искачувањето на Мон Блан се одвиваше во два дена. Стартот беше од Chamonix, од каде се стигнува до домот Tête Rousse, а оттаму преку кулоарот се пристигнува по вертикална карпа што бара сериозна физичка подготвеност, особено со тежок ранец, раскажува велешанецот.

Потоа, како што вели, стигнале до планинарскиот дом du Gouter на 3815 метри надморска височина, каде што ја поминале ноќта.
-Рано на 18.08.2025 тргнавме во 04:00 часот. Искачувањето се одвива по глечер и преку гребен каде што е потребна одлична физичка и психичка подготвеност и се користи комплетна алпинистичка опрема за зимски услови. Се минува дел наречен „нож“ – многу тесен, изложен и стрмен премин, по кој се стигнува до самиот врв, објасни Дуков.
Денот на искачување траел околу 12 часа, поради темпото на групата и временските услови.
-Температурата беше околу -10 степени, со слаб ветер и сончев ден, кој ни овозможи прекрасен поглед кон соседните врвови и целиот планински масив, додаде искусниот аплинист.

Велешкиот авантурист за Дума.мк откри дека неговите планови не застануваат тука.
-Моите следни предизвици се врвови над 6000, а ако даде Господ – и над 7000 метри. Секако, амбициите растат, но сè зависи од финансиската состојба, бидејќи ова е навистина скап спорт, додаде Дуков.
Зоран Дуков со својот подвиг го става Велес и Македонија на мапата на алпинистичкиот свет. Со својата истрајност и страст за планините, тој е инспирација за сите љубители на природата и авантурите.
Стефани Манева


