(Фото) Жабев: Заедно да учествуваме во подигнување на квалитетот и унапредување на знаењето на учениците, движечката сила во општеството

Објавено на 14 ноември, 2023 во 16:47

ССОУ„Димитрија Чуповски“ одбележа патронен празник. Директорот Петре Жабев во обраќањето пред поканетите гости, колеги и ученици потсети на почетоците на училиштето во далечната 1946 година, како одделен отсек во рамките на средното училиште „Здравко Цветковски“ од Скопје кое по една деценија подоцна го носеше името на „Борис Кидрич“, револуционер и учесник во НОБ, се до учебната 1993/94 година кога се преименува во „Димитрија Чуповски“ ,познат македонски деец и борец за слобода. Сепак заштитен знак на ова велешко средно училиште низ децениите е образување на стручна работна сила за потребите на фабриките, на претпријатијата и на компаниите.

„Како се проширувала индустријата во Велес така почнале да се отвораат и нови профили за потребите на индустријата во нашиот град и пошироко. Денес ова училиште е најстарото во кое се изучуваат разни струки . Неговата работа е во постојана корелација со локалната средина и бизнис секторот со што се креира уписната политика на училиштето за секоја учебна година. Ве повикувам  и во иднина како и до сега да продолжиме уште поуспешно заедно да ги градиме позитивните вредности, да се залагаме за социјална, културна и интелектуална добросостојба на сите  од нашето училиште. Да ги поддржиме: знаењето ,толеранцијата и хуманоста, како и да ги негуваме принципите на граѓанската одговорност и транспарентност. Заедно да учествуваме во подигнувањето на квалитетот и унапредувањето на учениците, бидејќи тие се движечката сила во општеството и за нив заедно да обезбедиме еднаквост и грижа, додаде Жабев.

Учениците заедно со професорите ментори, Драгана Јованова, Верица Николова, Емилија Дикова, Маја Михалчев,Душан Банев и останати предметни наставници од секоја од 11 образовни профили ја подготвија свечената програма со различни содржини како што се рецитал, изведба на музички композиции и преку скечеви и хумор ги прикажаа сите струки кои во моментов се изучуваат во ССОУ„Димитрија Чуповски“.

Во преполната сала програмскиот концепт предизвика големо внимание на гостите. Исто така беа доделени и награди на 40 ученици од основните и средни училишта во општина Велес кои учествуваа на литературен и ликовен конкурс на македонски и на англиски јазик, а од хемиско здравствениот актив за изработка на најдобар постер за средно и основно образование на тема „Ефектот на стаклената градина“

Вчерашниот ден во организација на училиштето се одржаа повеќе спортски натпревари во спортска сала “Гемиџии“ под менторство на професорите за спорт и спортски активности, Христо Љапов и Мартин Ефремов.

Убавка Јаневска

Фото галерија

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.