Француските пријатели на Велес донесоа нова хуманитарна помош
Старите добри пријатели на Велес и Македонија, членови на неколку граѓански хуманитарни организации од областа Алзас од Франција, повторно дојдоа во Велес. Преку познатата асоцијација Алзас-Македонија „Алма“ и овој пат донесоа хуманитарна помош вредна 35.000 евра. Таа е наменета за четири општини но во парична вредност највисок износ сепак обезбеден за Велес.
-Мило ни е што сме повторно во Велес затоа што градот ни е особено драг. Тоа е град што со години го посетуваме и го сакаме, ни претставува особено задоволство што уште еднаш можеме да дојдеме во него и да му помогнеме на некакво ниво со цел да го донесеме срцето на Европа коешто постои кај нас во Стразбур и да ви ја покажеме поддршката, рече Жак Шлев, претседател на асоцијација Алзас-Македонија „Алма“.
Во состанов на пратката на денешната донација се наоѓаат медицински кревети за лицата на коишто им е потребна помош и се тешко подвижни. Исто така и медицинска опрема за стоматолошка ординација во состав на Здравствен дом Велес.
-Овој пат исто така донесовме хуманитарна помош и за Општина Берово. Порано сме носеле донации за различни градови во Македонија, што значи дека освен за Велес сме донирале и во Битола и други градови. Меѓутоа можам да ви кажам дека Велес е привилегиран град што се однесува на нашата соработка, дададе Шлев.
Ова е трета донација на асоцијацијата АЛМА за Велес. Во март годинава организацијата донираше едукативна опрема за училиштата, а во изминатиот период обезбеди и медицинска опрема за Здравствениот дом во Велес како и за Болница „Јасеново“.
Освен асоцијација Алзас-Македонија „Алма“ во собирањето и транспортот на хуманитарната помош учествуваше и организацијата „Надеж на Истокот“. Овие две граѓански организации заедно со пријатели од уште неколку градови во Република Франција вечерва во хотел „Романтик“, ќе го одбележат празникот на Алзашаните во светот со промоција и дегустација на пенливи вина од Алзас и надалеку познатата Алзашка пита.
Убавка Јаневска