Голема количина на вода по синоќешното невреме го поплави центарот на Велес и предизвика штети во населба Превалец (фото и видео)
Обилните врнежи од дождот вчера, кој почнаа некаде околу 18:00 часот, поплави два деловни објекти на улица „Благој Ѓорев“ гласи официјалната информација на Центарот за управување со кризи. Оттаму информираат дека голема количина на вода поплави и една куќа во населба Превалец на улица В. Атанасов 22. Таму интервенираа тројца пожарникари на Територијална противпожарна единица Велес кои со едно противпожарно возило со пумпа ја извлекуваа водата надвор од просториите на поплавената куќа. Исто така, тројца пожарникари интервенираа и во чистењето на затната шахта на улицата Благој Ѓорев која беше причина за поплавата на двата деловни објекти.
Невремето што вчера го зафати градот беше причина за огромни количини на вода што од погорните делови на Велес не контролирано се слеваа во централното градско подрачје. Голем број на граѓани снимаа и споделуваа видеа во кои се прикажани дотеци на голема количина на вода низ улиците и нивно слевање во центарот на градот.
Вчеравечер на лице место бил и градоначалникот на Велес, Марко Колев. По посетата во Превалец биле ангажирани пожарникари, екипи на ЈКП „Дервен“ и напомош била повикана механизација на градежни фирми во санирање на состојбата во населбата. Според општината синоќешното невреме ја уништи фекалната и атмосферска канализација на една улица во Превалец. Исто така, уништен е и асфалт во должина од 200 метри на улица во оваа населба.
Граѓаните штети што ги предизвика синоќешното невреме можат да пријават во Општина Велес.
Стефани Манева