Горно Врановци – Имоти заробени од историјата
Објавено: 29 април, 2026, во 08:59 часот
Некогаш Горно Врановци било центар каде што се испишувала македонската историја. Денес жителите на ова село блиску до Велес не можат да ги легализираат куќите поради статусот на заштитено подрачје што е прогласен за дел од селото во 1981 година
Автор: Орце Костов
Затскриено во пазувите на Јакупица, на само половина час возење од Велес, Горно Врановци се наоѓа во самиот центар на Македонија. Но, освен географски, ова село било средиште и на многу клучни моменти од македонската историја. Денес, додека за таа историја зборуваат петте музеи, семејствата што имаат куќи во нивна близина, со години се мачат да си ги легализираат.
Проблемот со кој се соочуваат е што Горно Врановци е буквално музеј на отворено. Голем дел од селото е заштитено културно-историско подрачје за кое се надлежни Националниот конзерваторски центар и Министерството за култура и туризам. Поради ова, сопствениците на околу 50 нови куќи што се наоѓаат во близина на Музејот на Горно Врановци, повеќе од една деценија не можат да си ги легализираат своите домови или, пак, чекаат мислења од државните институции.

„Има приближно 50 куќи што не се легализирани. Жителите поднесуваа барања за легализација и пред да се донесе Законот за постапување со бесправно изградени објекти во 2011 година. Причината што не можеме да добиеме документи, и покрај обидите, е што селото е во црна зона поради петте музеи што се наоѓаат во два објекта. Добивавме постојано негативно мислење, а откако се донесе овој закон, сите барања се одбиени поради таа причина“, вели Хабиб Максути, жител од Горно Врановци, кој со своето семејство живее веднаш до Музејот на Горно Врановци.
За разлика од дивоградбите на долниот тек на реката Бабуна близу Велес, за кои „Локал Актив Вардар“ пишуваше претходно и кои се градени на узурпирано државно земјиште, овие куќи се наоѓаат во дворните места на жителите непосредно до нивните стари дотраени објекти или куќи каде што живееле нивните роднини.
„Да немаш имотен лист – тоа е како да немаш ништо“
Спомен-куќата ја симболизира Народноослободителната борба и тоа го почитуваат жителите, но бараат да ги легализираат градбите и да си ги платат сите давачки кон државата
„Се сеќавам дека луѓето не можеа да добијат ниту приклучок за струја, но Општина Чашка даде потврда дека објектите се во постапка на легализација, а ЕВН го признаваше тоа. Тешко е во 21 век куќа да градиш, а да немаш струја. Или да имаш куќа, а да немаш имотен лист. Тоа е како да немаш ништо. Повеќето од куќите се изградени врз државно земјиште. Ние имаме стара куќа со имотен лист, но според катастар тука нема пат и не можам да дојдам до неа“, велат од семејството Максути.
Статусот на заштитено културно-историско подрачје или споменична целина, дел од селото го стекнало во 1981 година, а во заштитена зона не може да се легализира бесправно изграден објект ниту со Законот од 2011 година.

Куќи – сведоци на борбата против фашизмот
Затскриено во пазувите на планинскиот масив Јакупица, местоположбата на Горно Врановци, село во централна Македонија, била клучна во моментите кога се испишувала историјата на македонската држава за време на Народноослободителната борба.
А бидејќи се наоѓа буквално во центарот на денешната територија што ја означува македонската држава, Горно Врановци ги имало сите услови да стане престолнина на општествено-политичкото и военото дејствување во времето на Втората светска војна.
Партизанските одреди од Велешко, Скопско и од Прилепско, користејќи ја предноста на планинскиот терен што добро го познавале, релативно брзо создале слободна територија со седиште во Горно Врановци.
Слободната територија и целата борба против фашистите се раководеле од Горно Врановци.
Во селото биле сместени неколку институции што ја воделе Народноослободителната борба: Президиумот на АСНОМ, Централниот комитет на Комунистичката партија на Македонија, Главниот штаб на Народноослободителната борба (НОБ) и разузнавачката служба ОЗНА.
По завршувањето на војната, институциите биле префрлени да дејствуваат во новиот главен град Скопје, но куќите каде што биле сместени овие институции, останале да сведочат за борбата против фашизмот и биле прогласени за музеи.

Заштитниот појас не е единствен услов за легализација
Пред три години Општина Чашка, додека беше градоначалник Горан Стојановски, заедно со Националниот конзерваторски центар изработи елаборат со цел да се стесни појасот на заштита за да може да се ослободи повеќе од половина од селото.
Но, Министерството за транспорт ги одбиваше сите барања на Општината со негативен одговор дека целото село е заштитено подрачје.

Општина Чашка од неодамна има нов градоначалник, Суат Шаќиров од Горно Јаболчиште. Побаравме став од него во однос на легализирањето дивоградби во Горно Врановци за мештаните што повеќе од деценија чекаат легализација.
„Бесправно изградените објекти во Горно Врановци треба да се решат во согласност со Законот за постапување со бесправно изградени објекти“, одговорија од неговиот кабинет.
Од Општина Чашка велат дека до нивната архива има поднесено 45 барања за постапување со бесправно изградени објекти што се однесуваат за Горно Врановци.
„Нив во согласност со законските надлежности, Општина Чашка му ги има предадено на Министерство за транспорт и нема увид колку од нив се одобрени или одбиени“, изјавија од Општината за „Локал Актив Вардар“.
Според градоначалникот на Чашка, „заштитниот појас не е единствен услов според Законот за постапување со бесправно изградени објекти за да можат тие објекти во Горно Врановци да бидат легализирани“.
Само три позитивно решени предмети

Сите предмети во вид барања за постапување од граѓаните на Горно Врановци, Општина Чашка му ги предала на Министерството за транспорт, од кое побаравме информации до каде се постапките за сите предмети.
Од Министерството велат дека Општина Чашка пратила пет барања помалку отколку што примила во архивата.
„Ве информираме дека во Министерството за транспорт од Општина Чашка се поднесени вкупно 40 предмети за легализација на бесправно изградени објекти. Од нив, 24 предмети се решени, а 16 се сѐ уште во постапка. Од решените 24 предмети, три предмети се позитивно решени, останатите 21 се отфрлени поради некомплетна документација“, велат од Министерството за транспорт.
Министерството постапува во согласност со новата одлука на Владата за прогласување на Горно Врановци за споменична целина од 16 јули 2024 година.
„На 16 јули 2024 година Владата донесе Одлука за прогласување на споменичната целина – село Горно Врановци, Општина Чашка, за културно наследство од особено значење и со оваа одлука се овозможува трајно зачувување на културната, историската, урбанистичката, градежната и архитектонската вредност на споменичната целина. Споменичната целина се наоѓа на подрачјето на село Горно Врановци, Општина Чашка, на надморска височина од 679 метри и зафаќа простор со површина од 32.548 м2, со следните топографски координати: Северна точка: 4140’52” Источна точка: 2133’24″“, стои во одлуката на Владата од 2024 година.
Граница на опфат

Правната заштита за споменичната целина Горно Врановци се спроведува со согласност со Елаборатот за ревалоризација на целината и надлежни да постапуваат по него се Националниот конзерваторски центар и Управата за заштита на културното наследство.
Националниот конзерваторски центар еднаш веќе изработи елаборат за ревалоризација каде што ја намали границата на опфат, но сепак жителите што се засегнати со дивоградби влегуваат во границата на опфат.
„Ние едноставно решаваме дали објектот го нарушува изгледот на споменичната целина каде што има строга заштита и имаме контактна зона во која полиберална е заштитата, во која се дозволува доградба, надградба“, брифираат од Националниот конзерваторски центар.
Надежта е во нов закон
Хабиб Максути не е оптимист по ова прашање. Тој смета дека ништо нема да се реши додека не се изработи нов закон за легализација на бесправно изградените објекти.
„Оние соседи што добија позитивно решение, потоа добија друго решение негативно. Тоа беше пред да се направи намалување на појасот на заштита. Зоната на заштита го опфаќа делот на калдрмата што ги врзува сите музеи. Над музејот веќе е слободна зона во која може да се легализира. Чекаме, не е само Врановци, има многу куќи што стојат така, а треба да се легализираат. Тоа е во интерес на Општината, што повеќе објекти – повеќе пари во нејзиниот буџет“, вели тој.

Собранието на Република Северна Македонија наместо да донесе нов закон за постапување со бесправно изградени објекти, по скратена постапка во февруари годинава донесе измени со кои рокот за легализација на дивоградбите се продолжува за уште пет години, односно до 2031 година.
Дополнителните пет години се дадени за да се завршат постапките за објектите изградени до 2011 година и формално измените не отвораат нова врата за нови барања, туку се однесуваат исклучиво на оние граѓани што веќе поднеле документација и со години чекаат разрешница.
Измената на Законот е донесена на барање на Управниот одбор на ЗЕЛС.
Во самото барање од Управниот одбор на ЗЕЛС е образложено дека голем дел од постапките не биле завршени поради водење судски спорови поврзани со правата врз изградените објекти, судски постапки поведени во рамките на постапката што се води пред Општината, одложување на донесување управни акти во постапката поради наследни и други имотноправни околности што требало да се решат како претходно прашање во постапка, како и други непредвидени околности.
Со оваа измена им се дава можност на граѓаните што имаат започнато процес за легализација на дивоградбите, а досега не добиле разрешница поради тоа што надлежните институции не ги завршиле своите обврски, каков што е случајот со објектите во Горно Врановци.
Првично, Законот за постапување по бесправно изградени објекти беше донесен во 2011 година, но како што се менуваа владите, така се менуваше и рокот за легализација на објектите, прво на 10, потоа на 15 и сега на 20 години.

Основната идеја на законот беше да се постави ред во урбанизмот, кој беше во хаос поради ненавременото носење на урбанистичките планови. Петнаесет години подоцна, сѐ уште илјадници граѓани чекаат локалните власти да им ги решат проблемите и да им дадат документ за сопственост на имот.
Во 2021 година еден предлог за измена на законот со кој се овозможуваше да се легализираат градби изградени и по 2011 година, доби вето од тогашниот претседател Стево Пендаровски и Владата го повлече.
Претставници на стручната фела, членовите на Државната комисија за спречување корупција, невладините организации, архитекти и правни експерти побараа да се повлече предлог-законот за легализација на бесправно изградените објекти, да се направи попис и категоризација на дивоградбите за да се утврди нивниот точен број, па потоа да се пристапи кон изработка на соодветно законско решение.
Државата нема прецизна статистика колкав е бројот на дивоградби во државата. Според надлежните, во Македонија има околу 50.000 дивоградби, чиј статус мора да се регулира.
*Орце Костов е новинар
Извор: Локал Актив Вардар

